Уште еден натпревар не дели до нов трофеј во СЕХА-лигата. Вечерва со почеток од 19:00 часот, силите во големото финале од осмата сезона на ова натпреварување ќе ги одмерат екипите на Вардар и ППД Загреб. Инаку ова ќе биде дури седмо финале за вардарци.
За само десет дена двете екипи ќе одиграат и нов трет меѓусебен натпревар. Познато е дека со Загреб се сретнавме и во осминафиналето од Лигата на Шампионите, противник кој успеавме да го добиеме и на двата меча и на тој начин да се пласираме во четвртфиналната рунда. Посебно добро одигравме на оној прв натпревар кој се одигра на теренот на Загреб, каде славевме убедливо со девет гола позитива (18:27), така што реваншот во Скопје беше само формалност за избраниците на Парондо, кои го добија и тој меч, со помала разлика (32:20), откако на полувреме имавме шест голови предност, јасно беше дека ќе се чуваат силите за завршниот турнир во СЕХА-лигата.
Вчера одигравме навистина тежок натпревар, на кој многу се исцрпевме, па прашање е дали неполни 24 часа се доволни да одиграме уште еден голем натпревар. Загреб имаше повеќе време за одмор, но и полесен противник во полуфиналето, не се истроши многу, иако Нексе им пружи отпор, но не доволен за мечот да има резултатска неизвесност, шампионот на Хрватска одигра доволно колку треба за да се стигне до големото финале. Тоа не беше случај со Вардар кој мораше 60 минути да биде на високо ниво, играше против домаќинот на завршниот турнир, кој имаше голема поддршка од своите навивачи, но и мала наклонетост од судиската двојка. Иако на моменти беа претерено груби, за што говори и црвениот картон на Шумак, сепак Вардар се издигна над се и успеа уште еднаш да докаже дека се работи за екипа која има голем карактер, дури и во најтешките моменти.
Вардар и Загреб се постојани учесници во СЕХА-лигата, присутни на завршните турнири уште од првата сезона. Токму во Загреб, започна одисејата на Вардар во ова натпреварување и првиот трофеј кој го подигнавме беше во нивната арена, кога во големото финале го совладавме Металург. Веќе наредната година, на Ф4 турнирот кој се одигра во Скопје, чиј домаќин беше Вардар и С.Ц. Борис Трајковски, Загреб успеа да не победи во големото финале после продолжетоци и да не се радува на првиот трофеј, кој се до одигрување на вечерашното финале се покажа засега како единствен за овој тим. Вардар го подигна трофејот и во третата сезона, совладувајќи го во големото финале тимот на Мешков Брест. Следуваа две години кога Веспрем се приклучи на СЕХА-натпреварувањето и кога успеа два пати по ред да ја освои титулата и да се израмни со Вардар, по бројот на освоени трофеи. Сепак во последните две сезони повторно доминираа црвено-црните, кои најпрво токму во оваа арена каде вечерва ќе се одигра големото финале го победија тимот на Веспрем, за минатата сезона пред своите навивачи и арената Јане Сандански да го подигнат и четвртиот трофеј и тоа со победа во финалето против екипата на Загреб (26:24).
Ова ќе биде вкупно 25 соочување на Вардар и Загреб во СЕХА-лигата. Вардарци имаат позитивен биланс во мечевите со шампионот на Хрватска, успевајќи да добиеме 14 натпревари, додека Загреб има 8 победи, а еден натпревар завршил со нерешен резултат. На вакви мечеви нема изразити фаворити, иако квалитетот и моменталната форма е на страната на вардарци, кои играат одличен ракомет. Двете екипи се познаваат премногу добро, па само ни останува да уживаме во уште еден ракометен спекктал. Ако Вардар ја повтори играта од претходните мечеви, сигурни сме дека на крајот ние ќе бидеме тие кои ќе го подигнеме трофејот.
Големото финале е закажано за почеток од 19 часот и истото ќе биде пренесувано на МТВ-1 и Арена Спорт 1. Претходно во борба за бронзата ќе се сретнат екипите на Брест Мешков и Нексе, дуел закажан за од 16:30 часот.