Денес се затвара и четвртата сезона на Сеха-лигата. Веспрем арената е домаќин на првиот Ф6 систем кој се одигра оваа година. Само две екипи ќе имаат можност да се борат за првото место и приматот “Балкански Шампион“ кој сеуште го држи екипата на Вардар. Црвено-црните денес го играат натпреварот за третото место против екипата на Загреб. Во првите три сезони на Сеха-натпреварувањето овие две екипи дури три пати меѓу себе играа во завршните мечеви.
Во првата сезона 2011/2012 токму Вардар беше првиот победник на оваа лига. Тогаш Загреб арената беше домаќин и организатор на најдобрите четири екипи. Во полуфиналето се сретнаа овие две екипи, каде Вардарци прво го совладаа домаќинот Загреб со резултат 29:30. Во големото финале противник ни беше екипата на Металург, против кој издвојувавме победа со резултат 18:21. Тоа значеше и трофеј за популарниот предводник Веселин Вујовиќ, кој денеска ќе го гледаме од спротивниот табор.
Во втората 2012/2013 сезона, домаќин на завршниот турнир беше арената Борис Трајковски. Во големото финале се сретнаа токму денешните противници, каде тогаш поуспешен беше Хрватскиот шампион. Во 1/2 Вардар беше поуспешен од Металург, а Загреб против Брест М. Со овие натпревари се затвори и втората сезона на Сеха-лигата.
Сезона 2013/2014 Вардар повторно е на тронот и владее со Балканот. Мечевите повторно ги вкрстува во полуфиналето против Загреб, каде издвојуваме висока победа од 22:30 и се одолжуваме за поразот во финалето од Скопје. Успешната година во оваа лига ја заокружуваме со триумф во големото финале против противникот кој не совлада во петокот, Брест Мешков.
Оваа година Вардар ќе се бори за третото место со екипата на Загреб предводена од Веселин Вујовиќ. Натпреварот се игра со почеток од 15:30. Пренос може да проследите на МРТ-1. Во големото финале ќе играа домаќинот Веспрем и Мешков. И по одигрување на овие завршни натпревари, Вардар ќе остане најдобар учесник во ова натпреварување кое станува се посилно и поценето.