Изминативе три дена избраничките на Индира Кастратовиќ имаа можност да одиграат два контролни натпревари против Данската екипа Есбјерг. Овие мечеви беа последна увертира пред првиот четврт-финален натпревар во ЛШ против актуелниот европски првак, екипата на Ѓер. На овие тест- дуели Кастратовиќ и нејзиниот помошен тренер, Јан Питлик имаа можност да видат колку е подготвен тимот за искушението што им престои, испробувајќи различни тактички воигрувања. Од овие дуели радува ефикасниот и разновиден напад, каде и на двата мечеви постигнавме по 31 гол.
Првиот натпревар беше од затворен тип во С.Ц. Јане Сандански каде Вардар забележа убедлива победа со резултат 31:23. Во второто полувреме го скршивме отпорот на противникот. Одличната одбрана во тој дел беше пресудна за триумфот, на кој дозволивме да примиме само седум погодоци. Радичевиќ беше најефикасна постигнувајќи 7 гола. Ја следеа Алтхаус и Дембеле со по 5 голови.
На вториот дуел кој беше отворен за гледачите, повторно подобри беа црвено-црните. До победата повторно дојдоа со подобра игра во вториот дел, откако на полувреме се замина со нерешен резултат (13:13). Иако на почетокот имавме негатива од два гола, со добра игра и предводени од одличната Ина Суслина успеавме да го свртиме резултатот во наша корист и да издвојуваме нова победа. Конечниот резултат беше 31.26. Лекиќ беше најефикасна наша ракометарка со 6 гола. Пенезиќ и Дембеле постигнаа по 5.
На овие мечеви тренерскиот тандем им даде шанса за настап на сите ракометарки кои беа на располагање. Првиот 1/4 натпревар против Ѓер е закажан за 4-ти април во С.Ц. Јане Сандански.