Вардарци со победа ја започнаа новата сезона во СЕХА-лигата, откако пред своите навивачи вечерва убедливо ја совладаа екипата на Пекинг Спорт. Немаше големи проблеми нашиот шампион, кој без неколку свои играчи успеа да ги впише првите бодови во ова натпреварување.
Вардар започна со два гола во серија и тоа двата дело на Павел Атман за 2:0, додека Пекинг го постигна својот прв историски гол во СЕХА-лигата и тоа во 3.минута од мечот дело на Жанг. Писонеро го започна овој дуел со Гедбан на голот, на крилните позиции шанса добија Димитриоски и Шишкарев, на пикер беше, Горпишин, додека бековската линија ја сочинуваа Кристопанс, Атман и Дисингер. Откако противникот намали на 3:2, следеше наша серија од брзи три погодоци, на Шишкарев, Горпишин и Димитриоски, за во 6.минута да имаме највисоки 6:2, што беше знак за тренерот Шола да побара тајмаујт. Во 10.минута ја бележиме втората одбрана на Гедбан, додека Атман со својот четврти гол од исто толку обиди го зголеми нашето водство на 9:4 во 11 минута од дуелот. Интересно до овој период, Вардар немаше ниту еден промашен удар кон противничкиот гол. Игравме речиси без грешка во овој период од натпреварот, а предноста постојано растеше, гол постигна и Чупиќ, а црвено-црните веќе имаа водство од 12:5. Првото промашување нашиот шампион го имаше дури во 16.минута од дуелот и тоа можеби од најлесната позиција, Чупиќ не успеа да реализира од седум метри, односно голманот на Пекинг успешно одбрани за прв пат на овој меч. Тренерот Писонеро се реши денес да го одмори Скубе, па како втора варијанта на позицијата среден бек, шанса доби младиот Карапалевски кој влезе во игра во 20 минута, заменувајќи го Атман. Играчот на Вардар Јуниор и кадетски репрезентативец, Карапалевски, одлично го замени Атман, успеа да изнуди пенал, а имаше и одличен соло продор кој за жал не го круниса во гол, сепак Вардар и понатаму одржуваше висока предност. Се разбранија и двајцата голмани, гостинскиот стигна до 4.одбрана, додека Гедбан имаше 5.интервенции. После истекот на првите 30 минути, Вардар имаше високо водство од 19:12.
Алжирецот на голот на Вардар одлично го отвара вториот дел, со две нови одбрани стигна до бројката од осум успешни одбрани. Црвено-црните се наоѓаа во серија од 3:0, откако противничкиот гол го погодија Горпишин, Димитриоски, Дисингер за најубедливи 22:12 на мечот. Покрај Стоилов и Толедо, на овој меч во составот ги немаше ниту Дибиров, Кугис и Скубе. Како на тренинг, играчите на Вардар погодуваа од контра напади, па дури и празни голови, откако тренерот Шола се одлучи да игра без голман во нападот. Истовремено Гедбан стигна и до својата 11 успешна одбрана. Малки се опуштија играчите на Писонеро, што доведе до серија на Пекинг од 0:4 и намалување на 25:18 во 45 минути. Сепак Вардар е пресилен за да дозволи некаква резултатска неизвесност, заигравме посериозно и за неколку минути ја вративме двоцифрената предност од 29:19, три гола во овој период беа дело на Дисингер. Младиот и надежен голман на Вардар, Марко Кизиќ се појави на голот и веднаш стигнува до одбрана, додека Атман продолжи со својот стопроцентен ефект, пет од пет за рускиот интернационалец. Во листата на стрелци се запиша уште еден играч од вториот тим на Вардар, се работи за пикерот, Давид Гашоски кој зголеми на 34:21. Овации за младиот Кизиќ кој повторно ги истакнува своите квалитети, брани седмерец на противникот, запишувајќи вкупно три одбрани зад неговото име. До погодок стигнаа Кукуловски и Карапалевски. На крајот убедлив триумф на Вардар, изразен со резултат 37:23.
Димитриоски, Атман и Шишкарев постигнаа по 6 голови . На голот Гедбан имаше 13 одбрани, додека Кизиќ се истакна со 4 интервенции