Вечерва со почеток од 20:30 часот во спортската сала во Куманово ќе се одигра ракометниот Супер Куп, во кој ќе се сретнат екипите на Вардар, како актуелен Шампион на Европа и Македонија и тимот на Металург, како актуелен освојувач на купот.
Ова ќе биде вкупно трето издание на Македонскиот Супер Куп, а Вардар ќе има можност и по трет пат да го освои трофејот. Минатата година го победивме токму тимот на Металург (33:24), додека во првото издание бевме подобри од екипата на Еурофарм Работник (30:25).
Екипата на Металург за прв пат оваа сезона не е дел од СЕХА-лигата и од стартот на сезоната се натпреварува во машката Супер лига. После две одиграни кола, металурзите имаат две победи, во дуелите со екипите на Вардар Јуниор и Металург 2. Вардар во саботата со победа ја отвори новата сезона во Лигата на Шампионите, на гостувањето кај екипата на Монпелје, додека во СЕХА-лигата одигра два натпревари, на кои оствари една победа и пораз.
Останува да видиме дали тренерот Писонеро ќе настапи со својот најсилен состав кој го има на располагање, или ќе се комбинира со тимот и ќе се чуваат силите за претстојниот меч од Лигата на Шампионите, против екипата на Порто.