Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар против Пекинг Спорт ја започнува одбраната на титулата во СЕХА-лигата
Вардар против Пекинг Спорт ја започнува одбраната на титулата во СЕХА-лигата

Вардар против Пекинг Спорт ја започнува одбраната на титулата во СЕХА-лигата

Актуелниот Шампион во СЕХА-лигата, тимот на Вардар вечерва ја отвара новата сезона во ова натпреварување. Во С.Ц. Јане Сандански со почеток од 20:45 часот ќе го одиграме првиот дуел, против екипата на Пекинг Спорт од Кина.

СЕХА лигата и оваа сезона ќе биде добро натпреварување за воигрување на новите играчи, како и за подготовка на тимот пред настапите во Лигата на Шампионите, натпреварување каде може да им се даде шанса за игра на сите ракометари.

Денешниот противник е всушност кинеската репрезентација, која ќе се обиде преку мечевите од СЕХА-лигата да го подобри својот квалитет и да ја подигне формата. Тренер на тимот ќе биде добро познатиот легендарен голман, поранешен репрезентативец на Хрватска, Владо Шола. Пекинг Спорт ќе биде стациониран во Загреб и своите домашни мечеви ќе ги игра токму во овој град.

За Вардар натпреварите против Пекинг и следниот кој следи против Мотор Запорожје ќе бидат подготовка за стартот на сезоната во ЛШ и дуелот против Монпелје кој не очекува на 14.септември, на гостински терен. Познато е дека во нашиот табор ќе недостасуваат Толедо и Стоилов, кои се опоравуваат од повредите. Сите останати би требало да бидат на располагање на новиот тренер, Давид Писонеро за вечерашниот меч.

Вардар е голем фаворит на овој дуел и не би требало да има некои проблеми околу освојување на првите бодови. Црвено-црните го бранат трофејот освоен од минатата сезона, а во новата сезона ќе гледаме нов поинаков систем на натпреварување, во кои екипите се поделени во две групи.

Билетите за вечерашниот дуел се по цена од само 50 денари. Сите кои имаат набавено сезонски билет, исто така можат во живо да го гледаат натпреварот, а оние кои ќе останат дома директен пренос ќе врши МРТ и Арена Спорт 2.