Партнерот за опрема на Вардар, Хумел за дел од својот каталог на опрема годинава реши да го користи Вардар и играчите.
За таа цел екипа на Хумел допатува во Скопје и два дена ги следеше тренинзите на нашиот тим, фотографирајќи ги играчите а потоа избраа двајца ракометари кои имаа специјална фото сесија.
Екипата на Хумел беше пријатно задоволна од одличните услови што Вардар ги има во СЦ „Јане Сандански”, од фан шопот што се наоѓа во склоп на салата и каде се продаваат дресови, опрема и други навивачки реквизити.
-Досега вообичаено користевме кукли за презентација на опремата што ја нудиме, а од лани почнавме и со фотографирање на играчи и екипи што се познати а го носат нашиот бренд. Годинава тоа е Вардар и среќни сме што клубот успеа да ни донесе позитивен имиџ во светот со освојување на европската титула и многуте трофеи во првенствата каде се натпреварува, велат луѓето од Хумел.
Мартин Поповски и Јања Војводиќ беа играчите што имаа фото сесија на различни места во салата и надвор одговарајќи на барањата. Само две машки екипи од Европа сезонава се избрани да бидат вклучени во официјалниот каталог на Хумел. Тоа се Вардар и Веспрем.