Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардарци ќе продолжат во групната фаза, по потешкиот пат
Вардарци ќе продолжат во групната фаза, по потешкиот пат

Вардарци ќе продолжат во групната фаза, по потешкиот пат

После првите четири одиграни кола и победи се чинеше дека Вардарци сигурно атакуваат на едно од првите две места во најсилната група Б од лигата на Шампионите. На најдобар можен начин ја започнавме сезоната со триумф и тоа на гостински терен, против екипа која доаѓа од земја која во последниве години владее во Европскиот и светски ракомет.

Монпелје беше првата пречка за црвено-црните, која успешно ја поминавме. Следуваше првиот натпревар на домашен терен против силниот и незгоден Пик Сегед, кој по голема борба го добивме во своја корист. Тогаш Унгарскиот вицепрвак долго време пружаше силен отпор, кој успеавме да го скршиме во втората половина на мечот. Ново гостување и ново сигурно издание за избраниците на Гонзалес против дебитантот во ЛШ, екипата на Кристијанштад во Шведска. Меч кој во најголем дел го контролиравме, освен на моменти кога домаќинот се доближуваше до нашата предност. На крајот се покажа дека сме далеку поквалитетен од противникот и заслужено стигнавме до третиот триумф. Стариот познаник од минатата сезона, бундеслигашот Рајн-некар повторно ни беше гостин во нашата арена. Трет последователен триумф за нашиот ракометен шампион во дуелите со овој германски тим, кој оваа сезона е главен претедент за освојување на домашното првенство. Максималниот ефект на освоени бодови во првите четири одиграни кола даваа надеж и некаква слика за конечниот пласман на табелата во оваа група. Данскиот Колдинг беше првиот кој ни застана на патот кон остварување на посакуваната цел. Без Штербик, Душебаев и Деревен во составот, уште пред да започне дуелот шансите за триумф се сведоа на половина. Лошиот ден на нашите голмани, кои имаа вкупно пет одбрани, беше сигурно фактор број еден за конечниот неуспех, иако на тоа влијаеше и лошата одбрана.

Црвено-црните го изгубија приматот непоразен тим во лигата на шампионите, очекувајќи го следниот противник и стар должник, екипата на Киелце од Полска. Како сиот бес од неуспехот против Колдинг да го истуривме врз бронзениот тим од последната сезона на ЛШ. Избраниците на Талант Душебаев доживеаа вистинска катастрофа во Скопје, и со негатива од десет голови разлика се вратија во својата земја. Вардарци делумно се одмаздија за испаѓањето во 1/4 од овој противник, но и се вратија на победите како дополнителен мотив и поттик за најголемиот предизвик кој претстоеше во групата. Следеше мал период на одмор за нашите ракометари, после кој заминаа на гостување против Веспрем во рамките на сеха-лигата. За “влакно“ испуштивме победа на тој меч, иако и нерешениот резултат не изгледаше лошо, со оглед дека игравме на гости против европскиот вицепрвак и освојувачот на сеха-лигата. Унгарците беа вистински тест и загревање за двата натпревари во низа со актуелниот европски шампион.

Во рамките на седмото коло, Барселона не пречека во “Палау Блауграна“ и во еден квалитетен натпревар успеаа да не победи за само еден гол. Тунискиот репрезентативец Жалуз го одигра својот најдобар меч во неговата кариера и му пресуди на нашиот шампион. Впечатоците од овој меч беа секако позитивни и даваа голема надеж дека Барселона ќе “падне“ во Скопје. Така и започна натпреварот во преполната арена Ј. Сандански. Вардарци беа маскимално подготвени и желни за победа и враќање на првото место на табелата. Во најголем дел го контролиравме резултатот и го надигравме противникот, но не издржавме до самиот финиш. Чудните судиски одлуки секако дека имаа влијание и оставија белег, но промашувањата на Шишкарев на два пати по зицер удари и брзоплетоста на Циндриќ пресудија да го загубиме дуелот. Барса повторно се радуваше, а ние испуштивме голема шанса со триумф да се вратиме на првото место на табелата.

По двата порази од шпанскиот првак, работите на табелата за Вардар се сменија. Барселона во моментов е со најголеми шанси за освојување на тоа лидерско место, кое им гарантира директен пласман во 1/4 рунда. Рајн-Некар после ова коло не истисна на третото место, каде имаме ист број на бодови, 10 со екипите на Киелце и  Пик Сегед. Во тежок момент доаѓа гостувањето во Киелце, каде треба психички да се вратиме во игра за врвот во групата. Полјаците сигурно ќе бидат максимално мотивирани за тешкиот пораз во Скопје, но ние одиме во Киелце со една цел, а тоа е да се вратиме на победите. До крајот, гостуваме уште на екипите на Рајн-Некар и  Пик Сегед, додека на домашен терен ги пречекуваме Монпелје, Кристијанштад и Колдинг. Прашањето за конечниот исход на табелата од 2-5 место останува отворено и многу комплицирано. Не се сомневаме дека ќе го добиеме следните домашни мечеви, но и оние гостинските се реални за Вардар. Оваа сезона имаме тим, кој би требало да атакува на толку посакуваното место кое води на завршниот турнир во Келн. Веќе следниот испит ни претстои за неколку дена, тешкото гостување во Киелце.