Денес со почеток од 15 часот Вардарци ќе го одиграат првиот натпревар на турнирот “Белгазпромбанк“, на кој учество ќе земат екипите на Сесон Рен, Висла Плоцк и домаќиност Брест Мешков. Француски Рен ќе биде прв противник за нашиот ракометен шампион.
Црвено-црните ќе се обидат по втор пат да го освојат овој турнир и да го повторат успехот од пред три години. Тогаш за време на подготвителниот период во сезоната 2013/14, по превземањето на клубот од страна на господинот Сергеј Самсоненко учествуваме на истиов. Екипата беше предводена од тренерот Зоран Кастратовиќ. Со две победи еден нерешен резултат успеавме да го освоиме првото место. Беа совладани екипите на Чеховски Медведи и Мотор Запорожје, додека со речиси втор состав ремизиравме со домаќинот Мешков.
Инаку овој турнир се одржува од 2008 година. Четири пати го има освојувано Брест Мешков, по еднаш Вардар, Данкерк, Висла Плоцк и Мотор Запорожје. Највеќе забележани победи на истиот има токму екипата на Мешков и тоа 18 триумфа за Белорускиот шампион, а досега најефикасен играч е Максим Баранов со 46 постигнати голови.
Денешниот противник Сесон Рен доаѓа од првенството на Франција, каде минатата сезона заврши на осмото место, каде освои 25 бодови од вкупно 26 одиграни мечеви. Екипата во новата сезона ја засилија Алан Вилмино кој дојде од редовите на Монпелје, потоа Исландските интернационалци Гудмундсон и Хелгасон, како и репрезентативниот голман на Белгија, Џеф Летенс. Од тимот си заминаа пет ракометари.
Одличен турнир и силни противници за воигрување на екипата пред почетокот на сезоната во сеха-лигата. Со екипата не отпатуваа Деревен и Марсениќ, кој се пожалиле на мали повреди. Кањелас, Фереира и Борозан прикажаа одлични игри на контролните дуели со Горење, се надеваме дека ќе продолжат во исто темпо и тука. На првиот меч против Мешков во сеха-лигата, кој се игра на 30-ти август во Ј. Сандански се очекува да се приклучат Карачиќ, Циндриќ, како и најновото засилување Иван Чупиќ, со што би се комплетирал тимот за ноавата 2016/17 сезона.