Екипата на РК Вардар 2 се пласираше во 1/4 од купот на Македонија, откако вечерва во спортскиот ракометен центар Кале беа подобри од тимот на Гостивар.
Одличен натпревар за избраниците на Стојан Петрушевски кои речиси го прегазија противникот. Натпреварот со погодок го отвори Тоше Ончев, кој имаше свое “шоу“ на овој дуел, речиси половина од погодоците за Вардар во првото полувреме беа негово дело. Единствено што успеа да направи Гостивар на овој дуел е на два пати да го израмни резултатот 1:1 и 3:3. Од тие моменти следи серија на црвено-црните од 1:4 за највисоко водство во тој дел на играта од 4:8. Во овој дел доминираа со своите голови крилото Димов, преку брзи контра напади и бекот Ончев. Противникот успеваше некако да воспостави резултатска неизвесност и да не дозволи Вардар уште од средината на првиот дел да го реши мечот. Сепак квалитетот беше очигледен на страната на Вардарци, кои успеваат при резултат 8:11 да направат нова голема серија од шест последователни погодоци, за на полувреме да се замине со резултат 8:17. Мора да се напомене дека на голот го имавме повеќе од одличниот Јагош Брауновиќ, кој ја направи онаа разлика во првото полувреме. Црнагорскиот интернационалец имаше повеќе од 50% на одбранети удари.
Во вториот дел тренерот Петрушевски им даде шанса за настап на сите ракометари кои му беа на располагање. Вторите 30 минути започна со наш гол за прва двоцифрена предност од 8:18. Крилото Дамчевски со одличен гол од својата позиција ја одржуваше позитивата од десет погодоци. Во следните пет минути, противникот успева да ја смали нашата предност на 17:25. Сите кои влегоа во игра го даваа својот максиум, несомнено дека оваа екипа на Вардар има голем квалитет да влезе во најсилната супер лига. Петрушевски се решава да повика тајм-аут и да им подели совети на своите избраници. Тоа резултира со враќање на двоцифрената предност 19:29 со нов гол на Тоше Ончев. Брауновиќ продолжува да реди одбрани нма голот на Вардар, што му овозоможува на Ончев во контра напад да зголеми на 19:30. Кизиќ по втор пат го заменува Брауновиќ во ударот од седум метри и повторно му брани пенал на противничкиот играч. Мартин Димов ги покажува своите квалитети и во брзи контра напади го полнеше голот на Гостивар. До крајот се одржуваше оваа разлика, за конечен резултат од 26:37 на овој осминафинален дуел.
Тоше Ончев најефикасен со 10 голови, Мартин Димов постигна 9 погодоци. По 3 гола Дарко Димковски, Стефан Крстевски и Иван Димитровски.