Во текот на вчерашниот ден се одиграа нови натпревари, во рамките на квалификациите за пласман на Европското раометно првенство во 2020 година. Повторно активни беа играчите на Вардар.
Македонија и Исланд одиграа нов интересен натпревар кој во драматична завршница заврши со поделба на бодовите (24:24). Во првото полувреме и двете репрезентации се менуваа во водство, кое не беше повисоко од два гола разлика. На полувреме, Исланд имаше минимални 10:11.
Во вториот дел во четири наврати гостинската репрезентација стигна и до три гола предност, последната беше при резултат 15:18, кога Македонија го одигра најдобриот период и со серија од пет погодоци во сврти резултатот во своја корист. Избраниците на Брестовац имаа шанси за победа, во последната минута влеговме со гол предност и наш напад, кој беше избрзан и неуспешен, а Исланд казни за израмнување во последните 3 секунди. Немаше време за нас да организираме посериозна акција, па мечот заврши со нерешени 24:24.
За жал, Стоилов и Поповски останаа без реализација на овој дуел.
Хрватска за која настапи Карачиќ успеа да го добие балканското дерби против Србија, за која во составот беше Дејан Милосављев. Само во првите три минути од мечот србите беа во предност кога резултатот на сеафорот беше 0:2. За само четири минути игра, избраниците на Червар направија серија од 4:0 и поведоа со 4:2 и од тие моменти не дозволија да ја испуштат предноста. Истата во 10.минута беше зголемена на 7:3, додека во 20 минута благодарение на одбраните на Ивиќ стигнаа и до највисоко шест гола позитива (13:7) во 20.минута од мечот. На полувреме ја задржаа предноста, па Хрватска на одмор замина со водство од 17:11.
Во вториот дел, Србија во еден момент, односно после осум минути игра се закани на предноста на домашната репрезентација кога смали на само три гола разлика (18:15). Сепак носени од поддршката од своит навивачи, Хрватска не дозволи резултатска неизвесност, повторно се одлепи на највисоки шест голови, кои немаа проблем да ги задржат до крајот на мечот, конечниот резултат на овој дуел гласеше 27:23.
Милосављев не доби шанса да застане на голот, додека неговиот соиграч од Вардар, Карачиќ кај Хрватска постигна 2 гола.
Кристопанс е блиску до пласман на ЕП, откако со селекцијата на Летонија за неколку дена по втор пат излегоа како победници во дуелот со Естонија, овој пат на домашен терен. Последното израмнување на дуелот се случи при резултат 5:5, за Летонија да влезе во добра серија и на десет минути пред крајот на првиот дел да стигне до највисоки пет гола разлика (12:7). Истава позитива ја имаа и после истекот на првите 30 минути кога резултатот на семафорот гласеше 17:12.
Немаше дилеми за победникот, кога после само четири минути игра во второто полувреме. Летонија имаше и високи 20:13, додека во еден момент стигнаа и до двоцифрена предност од 28:18. До крајот на мечот, гостинската селекција успеа да смали за достоен пораз од 30:24.
Играчот на Вардар, Даинис Кристопанс беше меѓу поефикасните играчи во својата селекција, постигнувајќи 4 голови.
Чудо е само како Русија „прокоцка“ победа на гостувањето кај Унгарија, со оглед дека на 12.минути пред крајот на мечот, имаше предност од 18:23, а конечниот резултат на дуелот гласеше 23:23. Избраниците на Кокшаров се изнапромашија во завршните десет минути, што на крајот ги чинеше скапо, односно играчот на Веспрем, Мате Лекаи постигна гол од пенал во последните секунди и се избори за бод на неговата селекција. После трите израмнувања на стартот од мечот, Русија започна да се одлепува на 3:6, а истава позитива ја имаа и уште во неколку наврати се до моментот кога Унарија се доближи до само еден гол негатива (9:10). Сепак Русија беше многу подобра во завршните минути од првиот дел, кога успеа на одмор да замине со водство од највисоки четири гола разлика (11:15).
Одлично играа и во вториот дел, кога се стекнаа со најголема разлика од пет гола, која напоменавме ја имаа на 12 минути пред крајот на мечот, но на крајот мораше да се задоволат со освојување на само еден бод. Интересно вардаровите играчи постигнаа вкупно 19 од 23-те гола на Русија. Најефикасни беа Дибиров и Калараш кои имаа по 6 погодоци, еден помалку имаше Шишкарев, додека Кисељев беше стрелец на два гола. Во составо беше и Горбок кој не постигна гол.