Викендов, младинците на РК Вардар 1961 го пречекаа тимот кој е на втората позиција на табелата во групата-А, екипата на РК Скопје 2020 на домашен терен. Момците на Пепи Манасков одиграа еден фантастичен дуел, се надминаа против тимот кој беше фаворит и дојдоа до победа во еден ефикасен дуел со резултат 35-33.
Во првиот дел гостинот отвори со две водства на самиот почеток, поведоа со 0-1 по првиот напад, и потоа и со 1-2 на овој дуел. По тој момент ние започнавме да ја градиме предноста, бевме тимот кој сакаше и имаше желба да се одлепи. Од минута во минута ни успеваше, почнавме да правиме разлика пред скопскиот ривал. За време на паузата на оваа средба од 6.коло која се играше во салата при Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје дојдовме до пет гола позитива. На одмор заминавме со резултат 18-13 во наша корист.
Во вториот дел противникот се обиде да изврши притисок и да ја анулира предноста на црвено-црните младинци. Сепак со одлична игра во одбраната, со солидни голмани и креативност во нападот не дозволивме да не стигнат. Единствено ривалот успеа да ја намали нашата предност од првиот период, но победата ја оствари вардаровиот колектив. Триумфот дојде со два гола позитива, односно со резултат 35-33.
Ова е прва победа за вардаровите младинци, кои покрај овој триумф имаат и едно одиграно реми со екипата на РК Пролет 62 исто така на домашен терен во „Јане Сандански“ во оваа младинска Група-А.