Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, екипата на РК Вардар 1961 ја оствари осмата последователна победа во рамките на домашното првенство. Избраниците на Веселин Вујовиќ ја оправдаа фаворитската улога на натпреварот со Прилеп и славеа високо со резултат 41:24.
Стартот на натпреварот навести дека Вардар ќе има контрола на резултатот и дека на крајот ќе забележи нов триумф. Иако настапивме без Стоилов, Моралес, Дијало, Чувара и Кудуз, сепак тоа не беше проблем за црвено-црните да ја продолжат победничката серија. Постигнавме пет голови во серија, па со истата разлика и го завршиме првото полувреме. На моменти екипата на Прилеп се доближуваше на три гола негатива, а на полувреме Вардар беше во водство од 16:11.
Во второто полувреме постигнавме многу поголем број на голови, разликата растеше континуирано, а Прилеп беше немоќен да му парира на Вардар. На крајот стигнавме и до убедлива победа, со која се зацврстивме на првото место на табелата.
Младиот пикер, Стефан Атанасовски постигна 7 голови, додека Дибиров и Георгиевски имаа по 6 погодоци.