Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вујовиќ: Ова не е Вардар од шампионските денови, има најави за нови засилувања од следната година

Вујовиќ: Ова не е Вардар од шампионските денови, има најави за нови засилувања од следната година

Во четврток продолжуваат натпреварите во Лигата на Шампионите за екипата на РК Вардар. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Пик Сегед, противник кој не победи на последниот натпревар одигран пред недела дена во Унгарија. Во пресрет на новото соочување со шампионот на Унгарија, тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, зборуваше за моменталните резултати на својата екипа, како и за лошата серија во која се наоѓа тимот.

Најпрво изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата која се случи во Бугарија.

„Сите сме во шок поради трагедијата во Бугарија. Во име на клубот и сите останати сакам да изразам сочувство на семејствата на загинатите.

Околу резултатската криза, јас сакам да бидам реален тренер, зборуваме за низа порази. Загубивме од КилАлборг, ПИК Сегед и Монпелје, кои не се слаби ривали. Не знам што ќе се случеше ако загубевме од Мотор или послаби ривали во другата група.

ПИК е екипа која има проект кој трае девет години, со Пастор како тренер. Тој добива играчи кои ги сака и работи добро и долго со нив. Ситуацијата во Вардар е таква, што Михајловски се врати да не се случи фудбалското сценарио. Сепак, мора да разбереме дека ова не е Вардар од пред неколку години. Одигравме добар меч ама загубивме на свои грешки. Јас кога доаѓав во Скопје знаев дека ќе има притисок. Во првите неколку кола кога освоивме бодови, кажав: „Луѓе полека, ќе дојдат и лоши времиња“. Јас сум сигурен дека многу луѓе се реални. Желбата е едно, ама реалноста е друга. За сè е потребно време, многу повеќе ќе знам по паузата во јануари. 

Тренерот на Вардар даде свои видување и за натпреварот во четврток против Пик Сегед.

Јасно е дека ПИК Сегед има квалитет и одличен тренер, но имаат и слабости. Не знам дали тие не нè сфатија несериозно таму, тоа ќе се види во четврток. Јас сум тренер тука три месеци, ние се воигрувавме во од, а тие се долго заедно. Притисокот кој може да ја направи публиката може да биде пресудна, како што беше и на гостувањето. Мора да ги затвориме Мартинс и Бомбач, а ако успееме во тоа заедно со Банхиди, можеме да победиме.

Вујовиќ зборуваше и за амбициите на клубот, веќе се преговара со нови играчи кои треба да дојдат од следната година, но многу нешта ќе зависат од спонзорите кои се дел од Вардар.

Јас имам договори и планови со Михајло. Првата година од проектот се потпишуваа договори на една година, бидејќи сега започнавме. Имаме листа на желби и играчи, веќе сме во контакт со некои од нив. Ако сè биде како што треба, ние на стартот на новата година ќе ги кажеме желбите. Михајловски сметаше дека ќе добие помош од компаниите во Македонија, тој не може сам. Ако нема таква помош, сè ова ќе падне во вода без оглед на игрите. Сметаме дека дуелот во четврток е еден кој мора да го добиеме. Големи се ритиките на јавноста и сите други, пет порази во низа се премногу, без оглед на проблемите. Ќе направиме сè за да го победиме ПИК Сегед. Ќе се концентрираме на добра одбрана, цврсто, не ни оди во прилог да играме на многу голови. Се надевам дека научивме од поразот и ќе бидеме подобри“

Натпреварот во четврток ќе се одигра со почеток од 20:45. Се надеваме на позитивен резултат и враќање на победите во ЛШ.