Ракометарите на Вардар со висока победа ја започнаа одбраната на титулата во домашното првенство. Вечерва избраниците на Владо Недановски гостуваа кај екипата на Вардар Неготино која ја совладаа убедливо со резултат 25:39.
Ниту во еден момент не беше доведена во прашање победата на црвено-црните, кои од стартот наметнаа силно темпо на играа, поведоа со 1:5 и од тука па се до крајот имаа контрола на резултатот. Спојот на поискусни и помлади играчи успешно функционираше во салата во Неготино, едноставно разликата во квалитет беше голема. Уште на полувреме беше решен голем дел од работата околу победникот, кога на пауза Вардар замина со висока предност од 13:21.
По само пет минути игра во вториот дел, нашиот шампион стигна и до двоцифрена предност, кога резултатот на семафорот гласеше 14:24. До крајот игравме рутински, а тренерот Недановски им даде шанса за настап на сите играчи. На крајот висока победа за добар старт на сезоната.
Кај Вардар, одличен на голот беше младиот Васил Гогов кој го заврши мечот со 13 одбрани, додека најдобар стрелец беше Куни Моралес со 7 голови, Манасков имаше 5, додека Ќосевски 4 голови.