Вардарци со победа ја завршија 2021 година, откако вечерва во С.Ц. Јане Сандански беа подобри од екипата на Бутел. Ова беше натпревар во рамките на 16.коло од домашната Супер Лига, или вкупно 14 победа за нашиот ракометен Шампион.
Екипата на Бутел беше конкурентна и во предност до 12.минута од натпреварот кога во неколку наврати имаа и предност од два гола. За разлика од претходниот натпревар против екипата на Еурофарм, денес на голот беше Мартин Томовски кој во првото полувреме имаше неколку успешни интервенции. Последната предност, противникот ја имаше при резултат 4:6, кога црвено-црните направија серија од 3:0. Ѓукиќ со два последователни голови во контра напад, донесе прва предност за Вардар од 7:6 во 13 минута. Заигравме поцврсто во одбраната, додека Бутел почна да влегува во грешки, кои ние максимално ги казнувавме. Како одминуваше времете ја зголемувавме предноста, па со головите на Талески и Дибиров имавме и водство од 15:10, додека највисоката разлика во првото полувреме беше при резултат 18:12,која ја донесе Дибиров. Во последните четири минути од првиот дел му дозволивме на Бутел да направи серија од 0:3 и на полувреме да замине со достижна негатива од 18:15.
Во вториот дел во игра го видовме и Марко Мишевски, па токму со неговиот гол поведовме со 21:16 после четири минути игра, додека Томовски ги истакна своите квалитети со одбранет удар од седум метри. Мишевски максимално ги користи минутите од Недановски, најпрво со страотен удар ја погоди пречката за одбиената топка повторно да стигне до него, за погодок и повторно Вардар беше на највисоки шест гола разлика, резултатот беше 23:17 во 40 минута. Вардар беше во налет, гостинските ракометари повторно не успеваат да го совладаат Томовски од седум метри, за Стоилов да казни со гол за веќе убедливи 26:17, по што беше познато кој ќе ги освои бодовите од ова последно коло годинава во Супер лигата. За 20.минути игра во второто полувреем, Бутел постигна само три гола, што говори само за нашата добра игра во одбраната во овој дел од мечот. Во листата на стрелци се запишаа уште двајца млади играчи, се работи за Карапалевски и Атанасовски, со чии погодоци Вардар зголеми на високи 31:18. Ќе одбележиме одбранет седмерец и на Васил Гогов. На крајот рутинска победа изразена со резултат 36:21.
Ова е вкупно 14 победа сезонава, со која ќе завршиме на првото место на табелата. Карапалевски, Ѓукиќ и Дибиров постигнаа по 5 гола.