Вардарци со нетрпение го чекаат својот противник во 1/4 од лигата на шампионите. Поради освојување на првото место во својата група, црвено-црните обезбедија директен пласман во најдобрите осум екипи, успех кој го повторуваат четврта сезона по ред. Сепак оваа година сакаме да одиме едно скалило погоре, а тоа е учество на завршниот турнир во Келн. За четири дена ќе го дознаеме противникот и последната пречка за остварување на целта. Многу блиску сме да гледаме дуел помеѓу екипите на Вардар и Фленсбург. Екипата која доаѓа од најсилната бундес лига во неделата го одигра првиот осминафинален натпревар и тоа на гостувањето против Брест Мешков. Овој меч заврши минимално во корист на Фленсбург, кој со предност од еден гол ќе го започне реваншот пред својата публика. Уште пред одигрување на првиот натпревар, шансите за пласман понатаму беа во голема мера на поранешниот европски шампион, а сега се уште поголеми со поволниот резултат на гостувањето во Брест. Сепак треба да го почекаме и реваншот на овие две екипи, кој ќе се игра во недела од 19:30 часот.
Дали ќе гледаме реприза на 1/4 од пред три сезони, кога токму екипите на Вардар и Фленсбург играа во оваа елиминациска рунда. Тогаш среќата беше на страната на германците, кои за еден гол се пласираа во Келн, а подоцна успеаа да станат и шампиони на европа.