Новата сезона во ракометната лига на Шампиони, ќе ни донесе нови возбудувања и квалитетни натпревари во групната фаза. Во недела Вардарци ќе го одиграат првиот меч на домашен терен пред својата публика. На гости ни доаѓа вториот најдобар тим во Унгарија во последниве години, екипата на Пик Сегед. Веќе имавме можност да ги одмериме силите со овој противник во финалето на “Кањижа куп“ , на кој бевме поуспешни освојувајќи го турнирот. Ова ќе биде сосема друг натпревар, тука влогот за конечниот победник е многу поголем. Со оглед дека двата тима ја отворија сезоната во ЛШ со победи, втор триумф на стартот ќе значи многу во продолжение од најголемото натпреварување.
Нашиот шампион не знае за неуспех во новата сезона. Само да потсетиме дека имаме четири победи на Кањижа, три на “Вардар турнирот“ во Скопје, исто така три победи во сеха-лигата и една во лигата на шампионите, против екипата на Монпелје. Ова се бројки кои говорат за нашата супериорност и одлична форма во која се наоѓаме пред овој дуел. Секако дека сме апсолутни фаворити на овој меч, поради квалитетот и домашниот терен. Секако не смее никако да се потцени Пик Сегед кој во последниве две сезони игра добар ракомет. Во сезоната 2013/2014 го освои ЕХФ купот, покажувајќи дека овој трофеј не е случајност минатата сезона. Унгарскиот вицепрвак стигна во најдобрите осум екипи во ЛШ, откако во 1/4 беше поразен од Германскиот првак, екипата на Кил. За одбележување е победата на домашен терен против Кил, но и елиминацијата на Рајн-Некар во осмина-финалето. Ова е речиси истиот состав од минатата година, засилен со ДОс Сантос и Марко Чурувија, единствен кој замина е Атила Вадкерти. Сегед негува брз ракомет со цврста игра во одбраната, нивни најголеми адути се бековите Бомбач и Анчин, крилата Парондо, Калман и Продановиќ. Тренер е искусниот Пастор, кој доаѓа од Шпанија. Во првото коло на домашен терен беа подобри од тимот на Киелце, победувајќи со еден гол разлика.
Црвено-црните напорно се подготвуваат за новиот предизвик кој им претстои, со очекувања дека ќе имаат голема поддршка од своите најверни. Навивачката група Комити најавува масовна присутност на овој дуел, веднаш после завршување на фудбалскиот натпревар ќе се упатат кон Ј.Сандански да го бодрат својот миленик кон нови победи. Повторно очекуваме полна сала и спектакл каков што знаат да приредат само нашите ракометари. Натпреварот се игра во недела со почеток од 17 и 30 часот.