Продолжуваат возбудувањата во рамките на 6 коло од лигата на шампионите. Следен противник на црвено-црните е стариот должник, екипата на Киелце. Многу важен натпревар за нашиот шампион, во продолжение од групната фаза. Со триумф од денешниот дуел, ќе си ги зголемиме шансите за прво место во групата. Тоа ќе биде тешко, бидејки во Скопје ни доаѓа бронзената екипа од последната сезона на завршниот турнир во Келн. “Војската“ која ја предводи Талант Душебаев ни малку не е наивна екипа и тешко е да се надигрува со нив. Киелце беше последната пречка за избраниците на Гонзалес за остварување на својот сон, минатата натпреварувачка сезона. Тогаш гледавме два тешки натпревари со голема борба и надигрување на двете страни. Сепак Полскиот првак беше тој што продолжи понатаму, иако на реваншот во Полска во последните пет минути мечот можеше да има поинаков епилог.
Тоа се заборава, тие мечеви се минато и сите погледи се вперени на денешниот дуел. Повторно лице во лице ќе се сретнат таткото против синот и учителот против ученикот. Искусниот Талант Душебаев ги доби последните две битки во меѓусебниот дуел на овие две екипи. Кога се излегува на терен, минатото и пријателството се забораваат. Секој сака да излезе како победник и да го надигра противникот.
Киелце не се разликува многу од минатата сезона, направи мали промени во играчкиот кадар но сепак главната сила останува иста. Новина во нападот е Јуркиевич кој дојде од ривалот Висла Плоцк и кој е организатор на играта, заедно со Билецки, Бунтиќ се бековскиот тандем. Крилата Чупиќ и Штрлек, како и пикерот Агинагалде се основата на овој тим. Секако на голот ги имаат одличните Шмал и Хрватскиот репрезентативец Марин Шего. Долгата и квалитетна клупа, можеби е најголемиот адут на Талант, кој може да ротира во текот на целиот меч. Ќе недостасуваат Зорман поради директен црвен картон со Барселона и Лијевски кој има повреда.
Гонзалес пак, неможе да смета на Деревен кој ќе го нема до крајот на сезоната, и Стоилов кој има повреда на рамото. Ние ја имаме својата арена Ј.Сандански и што е најважно нашите Комити. Црвено-црните по првите два порази, еден во ЛШ и во сеха-лигата, ќе сакаат да се вратат на победничките патеки. Екипата е желна да се врати на победите и тоа го најавуваа изминативе денови. Меч кој има големо значење за нас од повеќе аспекти кои погоре ги наброивме. Сепак она најважното е да триумфираме и да останеме на првото место на табелата, кој ќе им даде дополнителен мотив и поттик на нашите јунаци пред двата натпревари, со актуелниот европски првак.