Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > Македонија со втора победа на СП, совладана селекцијата на Бахреин
Македонија со втора победа на СП, совладана селекцијата на Бахреин

Македонија со втора победа на СП, совладана селекцијата на Бахреин

Македонската репрезентација стигна до втората победа на Светското првенство. После Јапонија, избраниците на Гонзалез ја совладаа и селекцијата на Бахреин.

Бахреин беше селекцијата која прва успеа да го отвори резултатот, додека првото водство Македонија го имаше во 7.минута кога погоди Кирил Лазаров за предност од 3:2. Следеше добар период во нашата игра, во одбраната функциониравме одлично, противникот делуваше изгубено во нападот, што ни овозможи брзи контра напади и лесни голови преку Манасков и Лазаров, а претходно погоди и Кузмановски, за највисоки четири гола позитива (6:2) во 9.минута. Тоа беше знак за противничкиот тренер да повика тајмаут. Од тие моменти се сврти натпреварот во корист на Бахреин, кој успеа да направи серија од 0:5 и да направи реултатски пресврт, во 19 минута поведоа со 6:7 а нашата селекција повеќе од десет минути беше без гол. Конечно серијата ја прекинуваме во 21 минута кога погоди Лазаров за израмнување на 7:7. Борко беше добар на голот, стигна до својата шестта одбрана, но ние не успеваме да погодиме во два напади, преку Талески и Ѓорѓиески, односно голманот на Бахреин беше поуспешен. Сепак затоа е тука нашиот капитен, Лазаров кој успева да погоди и повторно да го врати водството на Македонија. За момент израмни, селекцијата на Бахреин (8:8), но нашите репрезентативци ја вратија играта од стартот на мечот и имаа фуриозен финиш на првите 30 минути. Со серија од четири последователни голови, од кои два беа на Манасков, по еден на Кузмановски и Лазаров, за на полувреме да имаме солидно водство од 12:8.

Во второто полувреме за одбележување се и погодоците на Чурлевски и вардарецот, Поповски со кој успеваме да зголемиме на 16:11. Македонија повторно заигра цврсто во одбраната, а Поповски максимално ги искористува минутите поминати на теренот, со неговиот втор гол и нов на Лазаров, стигнуваме до најголема предност од 20:13 во 47 минута од мечот. Шанса за настап добиваат и младите Серафимов и Танкоски кои се во поставата на Македонија, во моменти кога имавме висока предност. Немавме проблеми да го приведеме мечот до крајот и немаше резултатска неизвесност околу победникот. До крајот Бахреин успеа да намали за да избегне висок пораз, конечниот резултат гласеше 28:23.

Кирил Лазаров беше најдобар стрелец со 8 голови, додека Мартин Поповски постигна 3 гола. Утре за противник ја имаме селекцијата на Хрватска.

ФОТО:Gol.mk