Вардарци денес заминаа за Норвешка, каде утре ги очекува натпревар од Лигата на Шампионите против екипата на Елверум.
Во пресрет на премиерниот натпревар во ЛШ, тренерот на црвено-црните даде свое видување за утрешниот натпревар против Шампионот на Норвешка. Во отсуство на силни и квалитетни подготвителни натпревари, Вујовиќ истакна дека се уште не ја знае моменталната сила на неговиот тим, ако се зеде во предвид и отсуството на Кудуз и Гурбиндо, сигурно дека ќе биде тешко да се стигне до првите бодови во ЛШ.
„Патуваме за Норвешка каде исто така треба да ги испочитуваме сите Ковид протоколи, а потоа и да играме со екипа која мислиме дека можеме да ја победиме. Јас се уште не ја знам вистинската сила на мојот тим. Не играњето на Ф4 во СЕХА лигата и два силни меча против европски екипи не ми даваат показател за тимот. Особено што во тимот нема да ги имаме ниту Кудуз ниту Гурбиндо кои сезонава веќе играа на неколку натпревари. Едниот поради повреда, другиот поради некои други причини. Тука се браќата Њокас, кои сепак ќе имаат само еден тренинг и незнам ни во каква физичка кондиција се. Се среќаваме со екипа што игра врвен ракомет како и сите нордиски екипи, играат модерно, доста трчаат, имаат креативни играчи. Ќе биде тежок натпревар. Би било добра првиот чекор во ЛШ да го почнеме со победа, но во овој момент навистина не можам да кажам дека Вардар е фаворит на овој натпревар, иако имаме свои адути и свои шанси и ќе сториме се да го добиеме натпреварот во Норвешка“, истакна Вујовиќ.
Своите очекувања ги сподели и Дарко Ѓукиќ, кој верува дека Вардар ќе освои бодови.
„Очекуваме тежок натпревар. Тие имаат млада екипа. И лани беше заедно со Вардар во иста група. Најсилна страна на Елверум е нивниот брз центар и нападот. Играат брзо, шутираат многу. Верувам дека ќе освоиме бодови. Се подготвуваме долго, и се надевам во Скопје ќе се вратиме со бодови.
Утрешниот натпревар ќе започне од 18:45 часот.