Вардар Јуниор во еден од клучните мечеви против тимовите од дното на табелата против кои најверојатно ќе игра за опстанок дојде до исклучително важна победа. Вчера гостувавме кај екипата на РК Металург-2, со добра игра од почетокот па до крајот победивме со резултат 30-38 (11-17).
По одлично одбранет напад, ние во офанзива одигравме добра акција која ја награди со гол Кукуловски Дејан за почетно водство со 0-1. Од овој момент па се до крајот постојано имавме позитива, противникот ниту еднаш немаше позитивен резултат во мечот. Влеговме добро во овој дуел, во одбраната одигравме на ниво, Марко Кизиќ врза неколку успешни одбрани. Успевме по 6.минути игра да водиме со три гола, за 4-1 стрелаше по добро свртување нашиот пикер, Стефан Атанасовски. Од минута во минута бевме подобар противник, ја контролиравме играта и успеавме да ја удвоиме предноста до крајот на првиот дел. На пауза заминавме со резултат 11-17.
По првата акција во вториот период првпат отидовме на седум позитива, за нас стрелаше Карапалевски Мартин со чиј гол поведовме со 11-18. Овие седум плус ни даваа комоција, влеговме во игра гол за гол во продолжението. Токму на средината од вториот период имавме повторно седум позитива, на семафорот во салата „Автокоманда“ стоеше 17-24 за момците на Стојан Петрушевски.
Со мирна игра го приведовме дуелот кон крај триумфирајќи со резултат 30-38 на оваа средба. Ова е важна победа за младиот вардаров тим кој ќе води жестока битка за опстанок во продолжението од сезоната. Сега имаме шест бода, интересен факт е дека сите бодови ни се од победи на гостински терен, откако претходно ја победивме и екипата на Струга.
Убедливо најефикасни во нашиот состав беа бековите, Мартин Карапалевски кој постигна 11 и Дејан Кукуловски со 10 голови.
РК Вардар Јуниор: Гогов, Јанковски 3, Чакалиќ 1, Кукуловски 10, Гашовски 1, Јакимовски 3, Карапалевски 11, Андоноски 1, Ќосевски 5, Анѓелковски, Стојановски, Анѓеловски, Крстевски, Атанасовски 3, Кизиќ и Дука.