Црвено-црните полека ја привршуваат оваа натпреварувачка сезона, но истовремено го подготвуваат тимот за следната. Како и што најавивме, изминативе денови се работеше на продолжување на договорите со дел од ракометарите, но и веќе се официјализираа новите играчи кои од јули ќе го засилат тимот. Вардар го задржи костурот на тимот, кој оваа сезона понесе голем дел од играта и товарот на себе. Продолжени се договорите со капитенот Лазаров, Тоскиќ, Стоилов, Душебаев и крилото Брумен. Ова се играчи кои играа значајна улога во успесите на клубот во сезоната која привршува.
Освен тоа, сопственикот Сергеј Самсоненко и тренерот Раул Гонзалес истовремено го склопуваат тимот за следната натпреварувачка сезона. Веќе се официјализираа трансферите на Манасков, Марсениќ и Деревен. Следното име, можеби и најголемото засилување за ова лето Хорхе Македа е следниот кој треба да се потврди во црвено-црниот дрес. Неговото доаѓање веќе од поодамна е познато, само се чека и официјална потврда од клубот. Неразрешена останува уште енигмата, кој ќе биде нов среден бек, кој ќе му прави друштво на Карачиќ. Иако и тоа е веќе во крајна фаза и до договор. Хрватот Лука Циндриќ би требало да биде последната еквизиција и засилување за црвено-црниот состав. Со него би требало да се затвори списокот на нови ракометари кои би пристигнале во Вардар. Дефинитивно следната сезона, Вардар ќе има состав кој ќе атакува на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Составот со кој ќе располага Гонзалес ќе биде доста квалитетен и моќен за нешто големо, кој е сон на секој навивач на клубот