Денес со почеток од 18:30 часот Вардарци започнуваат нова битка за пласман во најдобите осум екипи во Европа, иако амбициите оваа сезона се многу поголеми. Прва пречка кон остварување на целта, е добро познатата екипа на Висла Плоцк, со која имавме можност да играме и минатата сезона исто така во осминафиналето. Полскиот вицепрвак пред неколку дена ја победи неприкосновената екипа на Киелце во првенството и најави дека е максимално подготвен за двобојот со црвено-црните.
Во групата екипата предводена од Маноло Каденас заврши на шесттото место. Може да се каже дека освен домашниот натпревар против Кил на кој доживеаа висок пораз, во останатите мечеви од групата Висла не беше надиграна. Имаше мечеви одиграни на гостински терен против Фленсбург и Кил, каде загуби со само два голови разлика, исто така и на мечеви со Загреб и ПСЖ, Полјаците беа достоен противник. Можеби хендикеп за Висла е заминувањето на Немања Зеленовиќ во екипата на Магдебург, кој беше меѓу подобрите поединци во овој тим, кој пак се засили со рускиот репрезентативец Дмитри Житников. Рускиот репрезентативец и организатор на играта, до овој меч има постигнато 44 голови. Најдобар стрелец кај Висла е португалецот е Тијаго Роча, кој игра на позицијата пикер. Сепак се работи за екипа составена од повеќе квалитетни играчи, која може максимално да одговори на поставените задачи од тренерот Каденас. Ова ќе биде реприза на осминафиналето од минатата сезона, кога Вардар беше поуспешен во двомечот пласирајќи се во 1/4 рунда. На тој прв дуел во Полска, бевме непријатно изненадени откако Висла успеа да забележи триумф од шест голови разлика (31:26) и со значајна предност да замине на реваншот во Скопје. Сепак во нашата арена, црвено-црните не само што успеаа да ја анулираат едноцифрената негатива, туку и да победат со двоцифрена разлика. Сигурно дека лекцијата е научена и ќе се обидеме уште на денешниот натпревар да стекнеме предност, која би ни ја олеснила задачата за десет дена во Скопје.
Вардар ќе има мали проблеми на позицијата лев бек, откако отпадна и Сергеј Горбок кој има повреда. Претходно фрактура на прст доби и Филип Лазаров. Единствено на таа позиција би можел да одговори Илија Абутовиќ, иако се извесно е дека Карачиќ ќе започне како лев бек, додека Циндриќ ќе ја понесе одговорноста како организатор на играта. Се надеваме на добра игра од нашите момци и секако победа на овој тежок прв осминафинален дуел од лигата на шампиони.