Екипата на Скјерн го направи најпријатното изненадување во ракометната Лига на шампиони и во првиот осминафинален дуел со убедливи 32-25 (17-13) славеше над големиот фаворит Веспрем.
Данците иако важеа за апсолутни аутсајдери на овој меч, сепак, покажаа дека знаат и можат да парираат и на големи екипи. Скјерн во текот на целиот меч имаше предност и сосема заслужено на крајот победи и носи во Унгарија солидни седум голови предност. Најдобар во победата на Скјерн беше Олсон со шест гола, додека Мирхол заврши со пет погодока, кај Веспрем, Маргуч стрелаше шест пати.
На другиот 1/4 финален дуел, исто така имаше изненадување. Тимот на Монпелје со 28-25 (13-13) славеше над Барселона. За разлика од натпреварот во Данска, во Франција беше неизвесно до самиот крај. Во последните 10-сетина минути од мечот подобро се снајде домаќинот па така со комотна предност од три голови ќе патува на реваншот за седум дена во Шпанија. На овој дуел Јонас Тручановичиус беше одличен кај Монпелје со осум гола, додека кај Барселона, Нгесан постигна седум погодока.
Сите возвратни дуели ќе бидат одиграни во периодот од среда до недела.