Подгрупата на „Комитите“, „Екипа Пиво“, објави соопштение за гостувањето во Велес, во кое е наведено дека припадници на специјалната единица ЕБР претепале еден нивен член.
Во продолжение, прочитајте го извештајот на подгрупата за гостувањето во Велес:
Ф.К. Борец – Ф.К. Вардар, одигран на градскиот стадион во Велес на ден 18 август 2019. Недела, убаво, топло време, идеално за фудбал. Полн стадион и околу 200 гостински навивачи; за некого не, за некого да – очекувани пријателски односи со Велешани, без никакви провокации од двете страни, напротив, договорена заедничка кореографија на двете навивачки групи, од двата табора.
Пријателска атмосфера помеѓу навивачите, но не и од страна на полицијата, поточно ЕБР, кои, по не знаеме кој пат, употребува, односно употреби прекумерна сила према навивачите за банални причини, во случајов према гостинските навивачи.
Што се случи? Откако пристигнавме со возот од Скојпе за Велес, со уредно платени билети, со коишто со нас патуваа и припадници на некоја единица на МВР, најверојатно ПЕП или како и да се викаат, и целиот пат беше коректен односот, со договор од двете страни да нема ниту една запалена цигара, камо ли нешто повеќе, што и се испочитува максимално од наша страна, бидејќи полицајците се поставија коректно со нас, баш како што треба да постапуваат. Но, тоа не беше случај откако се симнавме од возот, кадешто не’ чекаше единица од десетина вооружани до заби припадници на ЕБР и на кои на лицата им се гледаше дека се желни за проблеми и провокација, но само тие знаеја зошто.
Во некоординираност помеѓу полицијата, една помала група навивачи, од околу 10-ина, заостанаа на железничката станица од другата група, која веќе ја имаше напуштено железничката, но на припадниците на ЕБР тоа не им се допадна, па почнаа да провоцираат со буткање со штитовите и со груб и неадвекатен однос, така што и на најмалата реакција од наша страна, со негодувањето зошто тоа го прават, почнаа да летаат пендраци и боксови на сите страни, иако до почеток на натпреварот имаше околу час и половина, а стадионот се наоѓа во непосредна близина на железничката.
Еден од навивачите беше бутнат долу од ударите, кои три-четворица од ЕБР почнаа буквално да го шутираат со нозе и да го маваат со боксови и пендраци. Дечкото беше приведен и однесен во локалната полициска станица. Подоцна, кога го посетивме во станица, му фалеја неколку заби и целиот беше во крв. Не сакаа да го пуштат да оди во болница, да го прегледаат и да извади лекарско, додека не завршел натпреварот поради безбедносни причини(!?). Чекајќи пред полициската станица, откако заврши натпреварот, се упативме до локалната клиника, кадешто дечкото беше прегледан и му беа констатирани неколку фрактури во пределот на лицето и искршени неколку заби. Докторите побараа да биде задржан, но после неколку консултации со нив, го испратија во државна болница во Скопје на дополнителни снимки.
Исто така, на влезот на гостинскиот дел од стадионот, беше уапсен уште еден навивач од страна на истите тие припадници на ЕБР од железничката станица. Овој пат причината беше: Опцул кон полицијата, додека го тие го тепаа крвнички нашиот другар на железничката станица.
Дополнително, за време на натпреварот, дојде и до некое мало недоразбирање помеѓу два члена на навивачката група Комити, кое ќе беше веднаш спречено, но тоа не се случи, бидејќи се помешаа, повторно, припадниците на ЕБР и повторно да употребат сила кон сите што сакаа да ги тргнат двајцата закарани другари. Еден од нив беше и уапсен и ќе му следува, нормално, казна за НЈРМ.
Прашањето е, кој навистина ги прави проблемите на стадионите и/или салите во Македонија, кадешто се одржува некој спортски настан, на кој се пристуни една или две навивачки групи? Може да разбереме поголемо присуство на полицијата кога се работи за некој дерби натпревар со ривалски групи, но никако не можеме да разбереме која е потребата на толкава пристуност на полицијата на вакви натпревари, кадешто има пријателска атмосфера. Со самото присуство на единици спремни во воена опрема, да помисли човек дека некоја терористичка организација дошла на стадион, се прави некаква одбивност и револт кај навивачите поради таквиот третман и поради предрасудите кон самите навивачи, бидејќи навивачите доѓаат само за да го бодрат својот клуб, посебно, како што напоменавме и погоре, на вакви натпревари со пријателска атмосфера, а не да бидат третирани како терористи.
Толку ли е неспособна „нашата“ полицијата да спроведе 100-ина гостински навивачи (некогаш и помалку) од железничка до стадион, без притоа да иницира инцидент? Ако се исфрустирани од лични домашни проблеми, нека си ги решаваат дома проблемите, не мора некој друг да им биде виновен за нивните несреќни животи. Дали ако немаше полиција, ќе имаше некаков проблем? Ние тврдиме дека немаше да има ни најмал испад од ниеден навивач и се’ ќе поминеше во најдобар можен ред.
Исто така, дали некогаш ќе се случи да одговараат полицајците за нивните испади и за прекумерна сила беспотребно? Дали некогаш клубовите и федерацијата ќе застанат позади навивачите, бидејќи спортот се игра за навивачите, не за полицијата. Дали на ФФМ ќе им текне да спроведе некои услови кои клубовите ќе мораат да ги исполнуваат за да играат во Прва лига, па и во Втора лига? Клубови без стадиони, клубови со стадиони без трибини, клубови кои забрануваат гостински навивачи, пред се’ поради неспосбноста на полицијата да организира еден натпревар со две групи, па поради таа цел забранува гостински навивачи, но и не само тоа, забранува и слобода на движење и за тоа следуваат казни, иако културно се купени карти…
Безброј други прашања ќе останат неодговорени, исто како што нема да одговараат и оние кои ги прават овие инциденти и вината ја бараат и гледаат само кај навивачите.
СТОП ЗА ПОЛИЦИСКАТА БРУТАЛНОСТ ВРЗ НАВИВАЧИТЕ!
СТОП ЗА ЗАБРАНИТЕ!
НОВИ СТАДИОНИ ИЛИ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СТАРИТЕ, ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ И ПОДОБАР ФУДБАЛ!
СЛОБОДА ЗА НАВИВАЧИТЕ!