Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > Uncategorized > КК Вардар – Баскет КАМ во 1/4-финалниот плеј-оф
КК Вардар – Баскет КАМ во 1/4-финалниот плеј-оф

КК Вардар – Баскет КАМ во 1/4-финалниот плеј-оф

Последното коло ги симна сите дилеми околу тоа кои осум екипи ќе го продолжат натпреварувањето во Втората лига, кои две ќе се преселат во понискиот ранг на натпреварување, и уште две за кои оваа сезона 2021/2022 е завршена.

Лидерот на табелата, екипата на Чаир 2030 го доби „дербито на Чаир“, беше многу подобар од екипата на Шкупи (101:78), за ефект (21-1) и прво место.

Противник во четвртфиналето од плеј-офот ќе им биде екипата на Партизан Водно Санс. „Црно-белите“ загубија од Баскет Кам (89:93), но поразот не носи дополнителни проблеми затоа што екипите кои се бореа за опстанокот ги загубија мечевите од последниот круг.

Поразот на гостувањето во Струмица (81:97), за екипата на Тетекс ТТК значи и збогување со второлигашката конкуренција. Иако имаат ист број на бодови со екипата на Црн Дрим, стружани кои во овој круг загубија од Соколи 1933 (69:82) имаат подобар меѓусебен биланс кој ги остава на позицијата број 10 која носи опстанок.

Партизан Водно Санс и ГКК Охрид завршија со идентичен резултат (8-14), но осмото место останува за екипата од Скопје, додека охриѓани веќе може да се подготвуваат за наредната второлигашка сезона.

„Турканица“ има(ше) и за оние позиции зад лидерската…

Екипата на Вардар стигна до 15.победа во сезоната откако славеше со (68:60) токму против охриѓани, додека пак Борец Баскет ја пролонгира победничката серија со успех против одамна отпишаниот состав на Хераклеа, вториот кој се сели во понизок ранг на натпреварување – Третата лига.

Три екипи, Вардар, Борец Баскет и Соколи 1933 имаат идентичен ефект (15-7) со кој се на делба на второто место на табелата.  А најдобар скор во меѓусебните натпревари имаат штипјани кои во доигрувањето ќе тргнат од позицијата број 2, која за противник во четвртфиналето им ја носи седмопласираната екипа на Струмица.

Како носител на позицијата три, второлигашот од Велес оди на мегдан на Шкупи, кој заврши на шестото место, додека пак „вардарци“ ќе ја имаат предноста на домашниот терен во четврфиналната серија против Баскет КАМ од Македонска Каменица.

МЕЃУСЕБНИ РЕЗУЛТАТИ

Соколи 1933 – Борец Баскет    73:58

Вардар – Соколи 1933    79:81

Вардар – Борец Баскет   79:78

Борец Баскет – Соколи 1933    81:59

Соколи 1933 – Вардар    86:74

Борец Баскет – Вардар   69:63

МИНИ – ТАБЕЛА

1.Соколи 1933       4          3          1          299:292        7

2.Борец Баскет      4          2          2          286:274        6

3.Вардар      4          1          3          295:314        5

Инаку четирите четвртфинални серии ќе стартуваат веднаш по Велигденските празници. Поточно на 27.април, според системот „подобар во три натпревари“. Предноста на домашниот терен ја имаат екипите пласирани од 1. до 4. позиција на табелата во регуларниот дел.

Вторите мечеви од серијата на програмата се на 30.април, а евентуалните „мајсторки“ ќе се играат на 4.мај.

 ВТОРА ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 22. КОЛО

Борец Баскет – Хераклеа           90:61

Шкупи – Чаир 2030          78:101

Струмица – Тетекс ТТК    97:81

Партизан Водно Санс – Баскет КАМ  89:93

Вардар – ГКК Охрид        68:60

Соколи 1933 – Црн Дрим          82:69

ТАБЕЛА: Чаир 2003 43, Соколи 1933 37, Борец Баскет 37, Вардар 37, Баскет КАМ 36, Шкупи 33, Струмица 31, Партизан Водно Санс 30, ГКК Охрид 30, Црн Дрим 29, Тетекс ТТК 29, Хераклеа 24;

ДВОЈКИ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ

(27.април/30.април/4.мај)

Чаир 2030 – Партизан Водно Санс

Соколи 1933 – Струмица

Борец Баскет – Шкупи

Вардар – Баскет КАМ