Во рамки на 3.коло во Македонската кугларска лига, Вардар имаше тежок натпревар на гостински терен кај тимот кој е шампион на Република Македонија последнава деценија и пол, КК Макпетрол. Натпреварот се играше вчера во кугланата “ВИП“ при Спортскиот центар “Борис Трајковски“ во Скопје. На истиот шампионот кој влезе како фаворит поради тоа што црвено-црните имаа големи промени во ростерот дојде до победа со 7,5-0,5.
Макпетролци на овој дуел беа крајно расположени, фактот го потврдува и резултатот 3670 “соборени дрва“ што е нов рекорд во македонското куглање како тимски скор, претходниот рекорд го држеа црвено-црните. Момците на Драги Димитровски дуелот го завршија со 3237 “соборени дрва“. Во сетови “пумпашите“ триумфраа со 20-4. Половината поен за нас го освои капитенот Миле Димовски во дуел Стојановски. Дарко Димитровски во првиот сет собори 180 “дрва“, тоа беше најдобар скор од сите одиграни 24 сета на овој натпревар, во нашите редови тој имаше број еден скор соборувајќи 570 чуња. Кај јуниорте триумфравме со 3-1 во сетови на овој дуел.