Кадетите на Вардар дојдоа до една од најубедливите победи на една македонска екипа на меѓународна сцена, совладувајќи го чешкиот тим Пелхримов со 120-35 во второто коло од турнирот на Европската младинска лига (EYBL) што се одржува во Шопрон.
Јасно беше дека нашиот тим е фаворит за триумф, но малкумина очекуваа тој да биде изразен со 85 поени разлика. Веројатно ќе беше и победлива ако во финишот не дојдеше до мало опуштање, па противникот постигна седум поени во низа за ублажување на дебаклот. Во цело прво полувреме, Вардар прими само девет поени, а втората четвртина ја доби 22-1.
Натпреварот ќе остане во сеќавање на еден од најталентираните македонски кошаркари на оваа возраст (2008 година) Жарко Терзиевски кој го оствари првиот трипл-дабл во кариерата. За само 18 минути на теренот постигна 28 поени со одличен шут од игра (12/14 за два, 1/2 за три), а додаде уште 10 скока и 10 украдени топки. Двоцифрени беа уште Ефтимовски (25 поени), Нешовиќ (14), Ѓорѓевиќ (14), Стојановски (11) и Калид (10).
Статистиката од натпреварот е брутална: Вардар постигна 102 поена од рекетот, оствари вкупен индекс 158, имаше 35 украдени, но и 30 загубени топки.
По одличниот прв ден во кој остварија две победи, вардарци денес играат само еден натпревар, против Виена Јунајтед од 13 часот.