Веќе трет ден по ред во Спортскиот центар “Јане Сандански“ во Скопје се одржува зимскиот турнир “Вардар-Еден живот, една љубов“. Денес со натпревари започнаа и девојките, кај нив се игра во генерацијата родени 2006 и 2007 година.
РК Ново Лисиче беше поуспешен од дамите на РК Драчево Вардар со резултат 10-6. Девојките на Ново Лисиче тргнаа силовито во првиот дел, отворија со 4-0, а потоа водеа и со 5-1. Последните минути од првиот период припаднаа на тимот на Драчево, тие успеаа да врзат два гола во серија и ја преполовија разликата пред паузата од четири на само два гола. На пауза се отиде со резултат 5-3.
Ново Лисиче вториот дел го започна на исти начин како и првиот со доминација на теренот. Од минута во минута ја зголемуваше својата предност која достигна пет гола, 10-5 пред самиот крај. Нивните ривали успеаа да го ублажат поразот со еден гол во нивната мрежа пред последниот судиски свиреж.
Во другиот дуел од Зимскиот турнир, РК Ѓорче Петров Вардар убедливо го совлада тимот на РК Кисела Вода Вардар со резултат 17-2. Се беше решено уште по првиот период кога ѓорчепетровки постигнаа девет гола, а во својата мрежа дозволија да примат само еден. На одмор заминаа со осум позитива, 9-1.
Вториот период по играта во првото полувреме беше чиста формалност. Сликата на теренот беше иста, тимот од западната страна на Скопје доминираше. Со серија 7-0 се одлепија на плус 15, односно поведоа со 16-1. До крајот двата тима постигнаа по уште еден гол за конечни 17-2 за РК Ѓорче Петров Вардар.
Eкипите на РК Делчево и РК Ново Лисиче Вардар одиграа дуел без победник, оваа средба заврши реми 11-11. Натпреварот започна со две резултски семетрии, 1-1 и 2-2. Потоа Ново Лисиче се одлепи со серија 3-0, на 5-2 поведувајќи во оваа средба. Со серија 1-3, тимот од истокот на Македонија намали на 6-5 пред паузата.
Делчево успеа да изедначи на старот на 6-6, но следеа минути на девојките од Скопје. Тие го контролираа напреварот и со серија 5-1, поведоа со 11-7 најавувајќи победа. Сепак девојките на Горан Велков не мислеа така. Со неверојатна серија 0-4, дојдоа до 11-11 и извадија бод од ова соочување на зимскиот турнир.
РК Кале Вадар од Кичево беше поуспешен од РК Кисела Вода Вардар со 12-8. Дуелот почна со два гола на тимот од Кичево, на што скопските дами одговорија со иста мерка за изедначување на 2-2. До крајот РК Кале Вардар ја имаше контролата па успеа да постигне пет гола, а прими само еден за водство до 7-3 за време на паузата.
РК Ново Лисиче се обиде да внесе неизвесност на почетокот, погоди два пати и ја преполови предноста од четири на два гола, 7-5. Сепак немаше сила да се носи со противникот кој успеа да го контролира остатокот од натпреварот. РК Кале ги врати четирите позитива и триумфираше со 12-8 на оваа средба кај дамите во генерација 2006/2007 на зимскиот турнир.
Во натпреварот во женска конкуренција денес РК Делчево го совлада тимот на Драчево Вардар со 18-10. Во првиот дел доминираа делчевки, од минута во минута ја зголемуваа предноста која отиде и до плус шест, при резултат 8-2. Во последните минути скопскиот тим успеа да парира и да намали гол од негативата пред паузата. На одмор се замина со резултат 10-5.
Вториот дел беше чиста формалност, девојките од тимот на РК Делчево Вардар го котролираа дуелот и недозволија изненадување. Тие успеаа додатно да ја зголемат предноста за уште три гола во овој втор период. На крајот на семафорот во салата “Јане Санднаски“ стоеше 18-10 за тимот од источна Македонија.
Во последниот дуел РК Ѓорче го победи тимот на РК Кале Вардар од Кичево со резултат 14-11. Дуелот почна со резултатска симетија, 1-1, а потоа беше 2-2. Скопскиот тим успеа да се одлепи полека и на полувреме водеа со 7-5. Во вториот дел тие ја задржаа контролата над натпреварот и триумфираа на крајот. Победата дојде со плус три, 14-11.
Делчево Вардар, Кале Вардар, Ѓорче Петров Вардар и Ново Лисиче Вардар на зимскиот турнир „Еден живот, една љубов„ ќе ги играат полуфиналните натпревари во категоријата 2006/07.