Денес е голем ден за семејството Вардар. Женскиот ракометен клуб денес го игра полуфиналниот натпревар на Ф4 во Будимпешта и ќе се обиде за прв пат да стигне во големото финале од лигата на шампионите. Противникот е добро познат, а истиот е од минатата година, кога ЦСМ Букурешт ни ја скрати можноста да играме едно финале во ЛШ. Овој пат се надеваме дека ќе биде поинаку и дека историјата ќе се сврти во корист на Вардар. Пред себе имаме една искусна и квалитетна екипа, која е и актуелен шампион на Европа.
Букурешт кој е предводен од Јохансон оваа сезона започна како дел од групата Ц, или може да се каже група на “смртта“, заедно со екипите на Ѓер, Митјиланд и Ростов Дон. Тука Романките забележаа половичен успех, од по три победи и три порази, кои беа доволни за второ место во групата и пласман во главната рунда од најголемото ракометно натпреварување. Таму единствено загубија бодови во дуелот со екипата на Ларвик, каде беа поразени на гостински терен, додека пред својата публика одиграа со нерешен резултат. Останатите противници може да се каже дека лесно ги добија, што им донесе трето место во групата. За противник во четвртфиналето го добија силниот тим на ФТЦ Будимпешта, екипа која сигирно ја имаше најдобрата сезона последниве неколку години во лигата на шампиони. Двата натпревари во овој двомеч им припадна на Букурешт, кои заслужено повторно обезбедија учество на Ф4. Играчи кои не беа дел од Букурешт минатата сезона, а како нови засилувања се Мајда Мехмедовиќ, Гонсиане Ниомбла, Камила Аунглон, Симоне Бохме, Анастасија Лобах. Една од најзаслужните за Европската титула беше голманката Мајса Песоа, која сега ќе ја гледаме на голот на Вардар. Оваа сезона нивни најдобар стрелец, воедно и најопасен играч е Исабела Гилден, која има постигнато 79 голови и е на шесттото место на листата на најдобри стрелци. Тука е Мартин Берангуер со 58 голови, Мајда Мехмедовиќ со 44, како и Гонсиане Ниомбла со 38 и Линеа Торстенсон со 37 голови. Проблеми за противничката одбрана создава пикерот и репрезентативката на Романија, Оана Манеа, која знае да биде незгодна на својата позиција, а Мехмедовиќ се покажа како повеќе од добро засилување за овој состав во кој има многу квалитет. Не треба да се трошат повеќе зборови за Букурешт, кој најавува уште посилна екипа и за следната натпреварувачка сезона.
Ние веруваме во нашиот Вардар, екипа каде има големи имиња, кои се докажани пред ракометната јавност. Играчи кои го почуствувале врвот во најголемото натпреварување и кои биле шампиони со своите поранешни екипи. Тука се мисли на Лекиќ и Радичевиќ за кои ова е четврта сезона во клубот, кои заедно “дишат“ долго време и добро се познаваат и од настапите во Ѓер, каде и го освоија единствениот трофеј до овој момент. Лејно е нашиот голман и може да се каже еден од трите наши најголеми адути на завршниот турнир, личност која има голем придонес изминативе сезони за освојување на бронзениот медал. Нејзините одбрани на многу натпревари се покажале како клучни, во остварување на позитивни резултати. Се надеваме дека овие два дена ќе бидат нејзини и ќе покаже дека се работи за еден од најдобрите светски голмани. Пенезиќ е наш лидер, која има големи причини да докаже дека е најдобра и оваа сезона, што се однесува до бројот на постигнати голови, каде моментално е на првото место, со големи шанси таму да заврши и после одигрување на последните два натпревари за оваа натпреварувачка сезона. Има Вардар уште многу други добри ракометарки, кои знаат како е да се понесе товарот над себе на вакви важни натпревари. Знаеме да одиграме перфектни 60 минути во силно темпо, каде ретко кој тим може да ни парира во едно такво издание. Ова ќе биде големо искуство и за нашиот главен тренер, Ирина Дибирова која е ретка можност да стане шампиони, и како тренер и играч. На клупата ќе ја има помошта и поддршката од Едуард Кокшаров и Аце Станковски, кои со сето нивно искуство ќе се обидат сите тројца заедно да го склопат мозаикот и да ја најдат потребната формула за освојување на Европската круна, која ќе биде прва за Вардар и повторување на успехот на Кометал Ѓ.П.
Ни останува да одиграме два квалитетни натпревари и да испишеме историја за клубот. Полуфиналниот меч започнува од 17:45 чсаот со сиректен пренос на МРТ-1, додека Вардар во Будимпешта ќе има поддршка од дел од навивачката подгрупа на Комити, Комбат кои беа верна сенка на девојките оваа цела сезона, давајќи им ја својата неизмерна љубов кон клубот и екипата.