Репрезентацијата на Црна Гора за која настапуваат две Вардарови ракометарки, утрово беше непријатно поразена од селекцијата на Ангола. На олимписките игри кои се одржуваат во Рио, избраничките на Драган Аџиќ го забележаа својот втор пораз од исто толку одиграни мечеви во групната фаза. По стартниот неуспех од репрезентацијата на Шпанија, оваа селекција денес не успеа да ги освои првите бодови ниту во дуелот со Ангола.
Сосема заслужен триумф за селекцијата која доаѓа од Африка, која имаше предност во најголем дел од натпреварот. Црна Гора успеваше во три наврати да има минимално водство од еден гол разлика, но во решавачките моменти попушти нивната игра. Решавачкиот момент за триумфот на Ангола се случи, кога при резултат 16:16, Ангола успева да направи неверојатна серија од 6:0 за да има најголемо водство во тој дел од мечот. Сепак Црна Гора не се предаде така лесно, успевајќи повторно се доближи до само еден гол негатива од противникот. Најголема заслуга за нивното враќање во мечот имаше голманката Марина Рајчиќ. Сепак во финишот посконцентрирани беа Анголките кои запишаа победа во дуелот со големиот фаворит. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 27:25. Инаку ова беше втора голема победа за Ангола, која во првото коло беше поуспешна и од селекцијата на Романија.
Јованка Радичевиќ беше втор најдобар стрелец во својата селекција, постигнувајќи 5 гола, додека нејзината соиграчка од Вардар, Андреа Кликовац имаше претежно одбранбени задачи и не успеа да се запише во листата на стрелци. Доколку сакаат да бидат дел од најдобрите осум екипи во Рио, Црна Гора во наредните три меча ќе мора да издвојува победи. Задачата нема да биде ни малку лесна, со оглед на противниците кои следат. Романија, Норвешка и Бразил се следните селекции со кои Црна Гора треба да се “судри“ во оваа група.