Викендов се одигра ново коло во ракометната “Јуниор“ лига. Во спортскиот ракометен центар Кале, натпревар одиграа екипите на РК Делчево и РК Кузман во женска конкуренција, генерација родени 2000/01 година. Поуспешна во овој дуел беше екипата на Делчево.
РК Кузман одлично го започна натпреварот, во кој ги постигна првите два гола. Сепак во наредните 6 минути, тимот на Делчево успева да поведе со 5:4, резултат на кој Кузман одговора со серија од три последователни гола, за водство од 5:7. Тука како да застана екипата на Кузман, имајќи несфатлив пад во играта, каде му дозволи на противникот да постигне неверојатни 13 гола во серија и речиси да го реши победникот на овој меч. На полувреме Делчево замина со предност од високи 15:7.
Серијата на погодои продолжи и во второто полувреме, за конечно РК Кузман да постигне гол и да намали на 18:8. Дефинитивно Кузман падна и физички и психички на овој меч, што максимално го искористи тимот на Делчево за постојано да ја зголемува предноста. Следеше нова нивна серија од 3:0, за највисоки 21:8. Последните пет минути беа само рутина и одбработување на натпреварот. Конечниот резултат гласеше 26:12, во корист на Делчево.