Девојките на Дибирова ќе се обидат да бидат единствен тим што по петти пат ќе игра на Ф4 турнирот во лигата на шампионите. Пред нас е реванш натпреварот против Митјиланд почнува со предност за ЖРК Вардар, на гостинскиот меч нашите девојки победија со 24-23. По повод овој дуел кој е закажан за в сабота во 17 часот во СЦ „Јане Сандански” на денешната прес-конференција тренерот и капитенот на црвено-црните ги соопштија своите очекувања:
Добро знаеме што е нашата задача на дуелот в сабота. Во Данска имавме катастрофално прво полувреме, но во вториот дел го спасивме мечот. Знаеме што не очекува. Добро е што победивме. Направивме анализа на првиот меч и подготвени сме за оваа средба. Мораме да бидеме далеку подобри доколку сакаме да направиме добар резултат. Работевме напорно и сите сме подготвени за она што ни претстои. Очекуваме добар резултат. Се подготвуваме на секој план, и тактички и психолошки. Нема потценување на противникот-изјави Дибирова.
Со оглед на тоа што Вардар има победа против Митјиланд сите очекуваат и на овој дуел да има победа за Вардар, а особено поради тоа што ова е последен меч во ваков состав во Скопје. Свесни сме и за тоа дека нема да биде воопшто лесно. Веруваме дека ќе можеме со победа да се најдеме на фајнл-фор турнирот. Сигурно ќе има многу емоции, но мораме да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваното учество во Будимпешта. Сепак, би сакала да играме на овој дуел пред полни трибини и да уживаме-изјави капитенот на вардарки, Јованка Радичевиќ.