Во првото првенствено коло, во кадетската лига за девојки родени 1998 година, нашите две екипи забележаа порази. Вардар има два претставника во кадетска конкуренција, но настапува со екипи кои се за две години помали од останатите тимови. Вардар, генерација “2000“ и Вардар јуниор, ракометарки родени “2001“ година, се двете екипи кои се натпреваруваат во оваа лига. Во првото коло Вардар се сретна со девојките од Металург, кои се генерација родени “1998“ година. Тимот од Автокоманда беше далеку подобар, забележувајќи висока победа со резултат 16:43. Натпреварот се играше во С.Р.Ц. Кале. Ако се земе во предвид дека во оваа екипа на Металург играат неколку кадетски репрезентативки и девојки кои се две генерации повозрасни од нашите Вардарки, конечниот резултат и не е зачудувачки. Уште во првиот дел го решија победникот, кога на пауза се замина со резултат 4:21. Најефикасна во нашиот состав на овој меч беше Анастасија Нелоска со 6 постигнати голови, Бојана Диневска беше стрелец на 5 погодоци.
Вардар: Тутиќ, Ацевска 1, Ивановска, Цветковска 1, Таневска, Ристовска, И.Ивановска, Буцевска, Јакимовска 2, Е.Ивановска, Диневска 5, Нелоска 6, Танчева 1, Марковска и Ристевска.
Втората екипа во кадетската лига, Вардар јуниор, ракометарки родени “2001“ година беа поразени од тимот на Стружанка во која настапуваат девојки генерација “1999“ година. Мечот исто така се одигра на Кале и заврши со триумф на гостинките. Иако во првиот дел бевме рамноправен противник и одржувавме резултатска неизвесност, сепак на крајот бевме поразени. Натпреварот започна со наш гол, до средината на првото полувреме гостинките имаа предност од само еден погодок 5:6. Сепак направија мала серија на голови, што им овозможи на одмор да заминат со резултат 9:12.
Избраничките на Анжела Платон не се предадоа ни во вориот дел, кога се доближија на само еден гол негатива 13:14. Од тие моменти повторно Стружанка прави серија од 0:4 за најголема предност во тие моменти од 13:18. До крајот нашите девојки немаа сила да се вратат во мечот, гостинскиот тим како течеше времето се повеќе ја зголемуваше предноста. Конечниот резултат гласеше 19:33. Ивона Трпевска беше најдобар стрелец во Вардар јуниор со 5 голови, Марија Дамовска имаше 4 погодоци.
Вардар јуниор: Наумовска, Станишиќ 2, Милошевска, Ѓорчевска 2, Ѓоргиева, Дамовска 4, Буразер, Атанасова 1, Алексовска, Митровска, Трпевска 5, Ничовска, Ќириќ 1, Бабунска, Величковска 1 и Блажевска 3.