Женскиот ракометен клуб Вардар со забрзано темпо ги одигрува мечевите од плеј-оф сегментот во Скопско Супер лигата. Последен меч за црвено-црните избранички на Кастатовиќ и Камара беше “сестринскиот“ дуел со тимот предводен од Симе Симовски екипата на ЖРК Вардар јуниор кој повоздрасните вардарки го добија со 43-20.
Утре на 23 мај и задутре на 24 мај првотимките ќе гостуваат во дуелите од плеј офот. Најпрвин утре ќе играат во Битола кај најслабиот тим од шесте учесници во оваа фаза ЖРК Пелистер, кој по пет меча во плеј-оф сегментот има исто толку порази. Ден потоа гостуваме кај скопскиот ривал екипата на ЖРК Металург во Автокоманда. Сино-белите по поразот од нашиот втор тим најверојатно ќе завршат трети сезонава зад двата црвено-црни женски ракометни состави. Мечот во битолската сала “Младост“ е закажан со почеток во 16-00 часот, а тој во Автокоманда со почеток во 12 часот и 30 минути. Вардарки досега одиграа пет кола и остварија исто толку победи со постигнати 219 гола или во просек речиси 44 гола по меч, што само ја покажува нашата супериорност во домашниот шампионат.