На денешната програма во ракометната „Јуниор Лига“ беа одиграни три натпревари во женскиот дел кај генерацијата родени 2006/07 година. РК Кале од Кичево забележа две победи, додека еден триумф им припадна на РК Будимир.
РК Кале Вардар од Кичево беше подобар во дуелот со екипата на Ново Лисиче од Скопје, која ја совлада со резултат 14:12. Екипата од Кичево одлично го започна мечот кога поведе со 3:0 и ова водство го задржаа до крајот на овој дуел. Екипата на Ново Лисиче се врати во игра кога намали на 4:3, а по првото полувреме, Кале беше во позитива од два гола (7:5).
На стартот од вториот дел, РК Кале постигна прв гол и поведе со 8:5, но екипата од Скопје не се предаваше и полека ја стопи негативата. Намалија на 10:9, а беше и 11:10. До крајот на мечот имаше игра гол за гол, а триумфот им припадна на РК Кале кои славеа со резултат 14:12.
Екипата на РК Кале забележа уште една победа, а за противник ја имаа екипата на Драчево. Резултатот кој беше актуелен на средината на првото полувреме (6:2) за екипата на Драчево не наговестуваше дека на крајот триумфот ќе биде за другата екипа. После игра гол за гол на стартот (2:2), екипата на Драчево постигна четири гола во серија и зголеми на 6:2. Имаа и највисока предност од 9:4, но од тој момент следеше голем пад во играта на Драчево, која најпрво дозволи на Кале да направи серија од три гола до крајот на првиот дел и да намали на 9:7, за серијата на кичевчанки да продолжи и во второто полувреме, која траеше до резултат 9:9. Повторно екипата на Драчево беше поблиску до триумфот кога поведе со 11:10, но во последните пет минути не постигнаа гол, а Кале врза три погодоци па триумфираше со резултат 11:13.
До триумф на денешните дуели кај оваа генерација стигна и екипата на РК Будимир која беше подобра од Делчево. Првиот гол на дуелот го постигнаа Делчево, но вратија избраничките на Будимир со три гола во серија за водство од 1:3. Иако Делчево израмни на 3:3, до крајот на првиот дел, екипата на Будимир се стекна со водство од 4:6.
Изгледаше дека РК Будимир лесно ќе стигне до триумфот кога во вториот дел постигна три гола во серија и поведе со 4:9, но Делчево не демантираше, се врати во игра и намали на само еден гол негатива (8:9). Сепак немаа сили за поголем пресврт, па екипата на Будимир славеше победа со резултат 9:11.