Кадетките на ракометниот клуб Вардар стигнаа до уште една важна победа, во борбата за пласман на завршниот турнир. Во С.Ц. Јане Сандански нашите млади надежи ја совладаа екипата на Макалоски, убедливо со резултат 30:12, во рамките на групата 2 од кадетската лига.
Уште од стартот на дуелот наметнавме силно темпо на игра, откако успеавме да поведеме со 4:0 и до крајот на првото полувреме константно ја зголемувавме предноста. На голот имавме поддршка од одличната Вероника Ѓорѓиевска која го заврши мечот со двоцифрен број на одбранети удари, што ни овозможи да постигнеме неколку лесни голови во контра-напад. Истава позитива од четири гола разлика ја имавме и на средината од првото полувреме, кога резултатот на семафорот беше 8:4. Имаше период кога се играше гол за гол, што говори и резултатот од 12:8, на четири минути пред истекот на првото полувреме. Сепак вардарки имаа фуриозен финиш, направија серија од 3:0, па на одмор заминаа со највисоки 15:8.
Ако имаше и некакви дилеми пред стартот на мечот околу тоа кој ќе ги освои бодовите, избраничките на Платон и Папуџиева ги разрешија во првите минути од вториот дел кога ја продолжија серијата и стигнаа до двоцифрена предност од 18:8. Тоа беше можност за тренерскиот двоец шанса за игра да им даде на сите ракометарки, кои се бореа за секоја топка на теренот и ја оправдаа довербата. Од моментите кога гостинската екипа намали на 20:10, следеше и најголемата серија за вардарки од седум последователни голови, со кои имавме и голема предност од 27:10. Рутински ги одбработивме последните минути од дуелот, во кои уште повеќе растеше позитивата на Вардар, кој на крајот славеше триумф со резултат 30:12.
Магдалена Тошевска беше најефикасна со 6 голови, додека Мила Пешиќ постигна 5, а 4 беа дело на Александра Коловска, додека 3 беа за Зорица Андоноска. Наталија Максимовска, Сара Стефаноска, Борјана Коцева, Ива Ангеловска и Бојана Коцева постигнаа по 2. Еден гол имаа и Јована Трајановска и Бојана Радевска. На голот одлична беше Вероника Ѓорѓиевска со 15 одбрани, додека Леа Христоска за 9 минути на голот имаше 3 интервенции.
Со овој триумф, вардарки ја исфрлија екипата на Макалоски во борбата за пласман на Ф4, со оглед дека сега имаме 6 бодови повеќе од нив. За втората позиција која носи пласман на Ф4 ќе водиме голема борба со екипата на Алушовски, од која имаме еден бод повеќе. Само да напоменеме дека се работи за генерација на Вардар од ракометарки родени 2004/05 година, а се натпреваруваат во лига, со генерација 2002.