Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Франција со Лејно и Лакрабер во финалето, Херем со Норвешка поразени од Русија

Франција со Лејно и Лакрабер во финалето, Херем со Норвешка поразени од Русија

Селекцијата на Франција, по голема битка на теренот успеа да ја совлада репрезентацијата на Холандија со резултат 24-23 и да се пласира во големото финале на Олимписките игри во Рио. Ова значи дека две Вардарки веќе со сигурност ќе атакуваат на златото во Рио. Лакрабер и Лејно повторно беа одлични во тимот на Франција.

Во најголем дел од првото полувреме Франција имаше предност и беше поквалитетна екипа на теренот. Во почетните 13 минути имаа водство од три голови разлика, кое во следните 5 минути беше анулирано од Холандија за израмнување на резултатот. Сепак до крајот на првиот дел избраничките на Крумхолц направија нова серија од погодоци, за на полувреме да заминат со највисоки четири голови разлика (17:13). Во второто полувреме гледавме подобра игра на Холандија, која како течеше мечот полека се доближуваше и ја топеше предноста на Французинките. На 15 минути до крајот “лалињата“ постигнаа гол за намалување на само еден гол негатива. Следуваше неизвесна завршница во која, Холандија имаше последен напад и доволно време да израмни. Сепак не успеаа во таа цел и на крајот триумфот им припадна на Франција.

Лакрабер својата одлична форма ја одржа и на овој меч, нашата ракометарка успеа да постигне 6 погодоци, поранешната Вардарка Пино беше прв стрелец во тимот со 7 постигнати погодоци.

Во другото полуфинале, рано утринава се сретнаа селекциите на Русија и Норвешка. Победникот беше познат дури по двете продолженија од пет минути. Во една “инфаркт“ завршница победата на крајот им припадна на Русинките. Тие по првото полувреме имаа водство од 18:16, а најчесто таа разлика се движеше од 2-3 гола во корист на избраничките на Трефилов. На самиот старт на вториот дел скандинавките го израмнија резултатот и го вратија мечот од почеток. Сепак Русија не дозволуваше на противникот да го преземе водството, па следуваше нова серија на погодоци. Интересно е што кога Русија се одлепуваше на три гола предност, Норвежанките враќаа во потполно иста мера и го израмнуваа резултатот. Во таква неизвесна завршница се влезе во последните секунди, кога речиси со вукот на сирената, играчот на Ѓер Локе погоди за израмнување (31:31).

vardarfans herem

Двете продолженија со гол ги отвори Камила Херем, но истиов играч го промаши последниот удар за својата репрезентација, по што Русија се радуваше на големиот триумф и пласманот во големото финале. Така Франција и Русија ќе се борат за златниот медал од олимписките игри во Рио. Херем постигна 6 погодоци на овој дуел од 8 обида.