Тимот на ЖРК Вардар, завчера беше домаќин на екипата на ЖРК Гевгелија, овој дуел го добија девојките на Симе Симовски и Драгана Ристова. Вардарки се светла иднина на мак.ракометот тие иако на возраст од кадетки добија прилика да играат во сениорска лига покажаа голема зрелост, врзувајќи три победи по ред. Досега имаме четири победи, едно реми и тоа несреќно во последен напад и само еден пораз.
Дел од овој тим е и Џатевска Ивана која игра на позицијата пикер. Станува збор за енергична девојка која плени со својата цврстина, храброст и пожртвувавност за колективот. Ивана е една од девојките која дава секогаш максимум на теренот, игра за тимот, пркосна е во игра и надвор од неа. Во продолжение ви носиме интервју со оваа млада и таленирана девојка со “храбро срце“ од црвено-црниот женски ракометен колектив.
*Мечот со ЖРК Гевгелија е зад нас, имавте рамноправен почеток, потоа добра игра која го реши дуелот, како ти го виде истиот?
-Почетокот на последниот натпревар со Гевгелија, го стартувавме со позитивен резултат(2:0), иако нашата игра во првите минути не беше онаква како што очекувавме. Го одржувавме водството, но и нашиот противник покажа добра игра со која го изедначи резултатот(12:12). Свесни за нашите грешки, со желба за победа, ја подобривме играта во одбрана и на противникот не му дозволивме да даде гол се до крајот на првото полувреме(17:12). Во второто полувреме мотивирани од нашите тренери и тимската игра, во низа редевме голови со кои ги совладавме противниците со резултат 31:22. Мора да кажам дека ова беше победа на целиот наш тим, како играчите така и на стручниот штаб.
* Врзавте во Супер лигата 3/3 на последните дуели, имате одлични 13.бода по шест кола, како си задоволна со оваа ситуација и одличната ваша адаптација во сениорската конкуренција што многумина и ги изненади?
-Оваа година тргнавме како најмлада екипа во сениорската лига, го даваме својот максимум за повисоко место во табелата. Со последните три натпревари успеавме да добиеме 9 бода, зад нас имаме еден пораз и едно реми. Задоволна сум од адаптацијата во сениорска конкуренција, ние сме млад тим кој се бори без резервно со предизвиците кои се пред нас.
*Колку работата со еден ракометен стручњак како Симовски покрај долгогодишната работа со Драгана Ристова ти донесе напредок и колку си задоволна од твоите настапи во сезоната?
-Со упорната работа на тренерот Симе Симовски, се усовршувам и го надградувам она што го научив. Исто така и со помош на Раул и Пецевска од претходно мојата игра иде во нагорна линија. За секој натпревар можам да кажам дека сум задоволна од мојата игра, го давам мојот максимум, но секогаш може подобро и секој следен дуел е нова шанса за докажување.
*Што е најсилно оружје на овој млад колектив кој неочекувано реди успеси: тимскиот дух, мотивацијата, долгото време играње заедно или нешто друго?
-Многу пати до сега споменавме дека сме најмлада екипа која верува во себе, во својата игра, ние како играчи се трудиме да го покажеме она што најдобро го знаеме. Напорните тренизни, тимскиот дух и борбеноста се водечка сила во нашиот тим која секогаш носи успеси. Плодовите од нашата макотрпна работа очекувам да ги “береме“ понатаму во сезонава и идните години потоа.
*Какви се твоите очекувања за мечот од Супер Лигата со тимот на РК ЦЕМС-2018, утре и за она што следи во сезоната?
-Утре ќе тргнеме силно како и секогаш, сплотени и со желба за успех. Очекувам да дојдеме до победа и да покажеме дека сме екипа која мора да се респекита без разлика на нашата возраст. До крајот на сезоната не очекуваат многу натпревари кои ни се предизвик за да докажеме дека напорната работа со нашите тренери вреди. Во тимот се чувствува желбата за успех и победи на кои се надеваме, а со тоа очекуваме да се пласираме и да играме во потесниот круг, односно на Ф4- вели Џатевска за Вардар фанс.
Михајло Тушевски