Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Големо финале за вардаровите пионерки на турнирот во Белград
Големо финале за вардаровите пионерки на турнирот во Белград

Големо финале за вардаровите пионерки на турнирот во Белград

Пионерките на ракометниот клуб Вардар ќе играат во големото финале на силниот меѓународен турнир “Трофеј Белград„. Вечерва во полуфиналето, црвено-црните беа подобри од домашната екипа, Белград.

За пласман во полуфиналето се изборивме откако денес ги добивме останатите два натпревари во групата, против екипите на Крка и Црвена Ѕвезда. Во полуфиналето успеавме да славиме против екипата на Белград, со конечен резултат од 16:13.

Во најголем дел од првото полувреме, вардарки имаа предност која не беше поголема од два гола разлика. Откако и двете екипи ги постигнаа првите три гола (3:3), избраничките на Платон и Папуџиева за прв пат направија мини серија од 2:0 и поведоа со 5:3. Истава позитива ја имавме и кога резултатот беше 6:4. Сепак до крајот на првиот дел противничката екипа успеа да направи серија од 1:3 па на кратка пауза да се замине со нерешени 7:7. На стартот на второто полувреме постигнавме два последователни голови и повторно ја вративме онаа позитива од два погодоци. Во последните пет минути од мечот, вардарки влегоа со најголемото водство од 14:11. Белград се погрижи за неизвесна завршница кога намали на 14:13, но нашите девојки во последната минута постигнаа два гола и ја потврдија победата. Најефикасна беше Александра Коловска која постигна 5 голови, додека Наталија Максимовска додаде 4 погодоци, добар придонес со три голови имаше и Коцева. Во листата на стрелци се запиша уште и Мила Пешиќ со два гола, како и Јана Равојска и Андреа Миланова кои постигнаа по еден гол.

Утре во големото финале силите ќе ги одмериме со екипата на Студентски Град, откако во првото полуфинале на турнирот минимално ја совладаа екипата на Олимпија (10:9). Борбата за трофејот е закажана да започне од 12:30 часот, а организаторот на турнирот најави дека ќе има стрим од големото финале, за љубителите на ракометот.