Ракометната репрезентација на Франција одигра контролен натпревар против селекцијата на Бразил. Во период кога останатите репрезентации играа квалификациски натпревари за ЕП, токму домаќинот Франција играше пријателски меч, на кој убедливо ја победи селекцијата на Бразил.
Само на стартот од дуелот, Бразилките имаа предност кога поведоа со 0:2, за во следните шест минути, триколорите да постигнат три последователни голови и да стигнат до првото водство од 3:2. Од тој момент, домашната селекција не дозволи да ја испушти предноста, а во 14 минута имаа водство и од 6:3. Истава позитива успешно ја одржуваа и по истекот на првите 30 минути, кога резултатот на семафорот гласеше 12:9.
По само седум минути игра во второто полувреме, французинките имаа највисока разлика од седум голови (18:11) по што полека се навестуваше победникот. На десет минути пред крајот стигнаа и до двоцифрена предност од 24:14, за на крајот да слават триумф изразен со резултат од 28:17.
Десниот бек на Вардар, Александра Лакрабер беше најефикасна ракометарка во составот на Франција со 7 постигнати голови од исто толку обиди кон противничкиот гол, додека Амандин Лејно за 30 минути на теренот имаше 4 одбрани од 13 обиди кон нејзиниот гол.