Екипата на Вардар Јуниор стигна до својата трета победа во најсилната супер лига, откако во рамките на петтото коло беа подобри од тимот на Деспина од Прилеп. Мечот се одигра во С.Р.Ц Кале и заврши со триумф на Вардарки, убедливо со резултат 28:21. Иако имавме позитива од седум голови разлика дозволивме во второто полувреме, противникот да направи резултатски пресврт. Сепак црвено-црните имаа фуриозни десет минути во финишот, кога направија голема серија за на крај заслужено да триумфираат. Една од ракометарките која летово го засили тимот на Вардар Јуниор е кадетската репрезентативка и голман, Андреа Илиќ која пристигна од екипата на Металург. Таа во изјава за нашиот сајт ги сподели впечатоците од триумфот против тимот на Деспина.
-Одигравме добар натпревар со мал пад во играта во второто полувреме, но сепак победивме. Натпреварот го отворивме добро, но во второто полувреме имавме неколку грешки во одбраната, што беа главната причина за негативата. Ги послушавме советите од нашите тренери Симе Симевски и Александар Царчев па во продолжение ги консолидиравме нашите редови и ја вративме играта што не красеше во првите 30 минути. Нормално е кога се работи за ваков млад состав да има падови во играта, но сето тоа ќе гледаме да го намалиме на наредните натпревари.
Три победи, по еден нерешен резултат и пораз е учинокот на младите Вардарки, до овој дел од сезоната.
-Од играта сум прилично задоволна иако секогаш може подобро, ние се трудиме да бидеме се подобри од натпревар во натпревар. Во новата средина брзо се вклопив, со некои од играчите се познавам од порано бидејќи игравме многу меѓусебни натпревари, но и од репрезентацијата. Иако сме млада екипа нашата цел е второто место, веднаш зад првиот тим на Вардар.
Звонко Ивановски