Вардарки за жал го загубија полуфиналниот натпревар против екипата на ЦСМ Букурешт и ќе ја немаат можноста да играаат во големото финале. Несфатливо лошо издание за црвено-црните, кои не успеаа да се вратат во мечот по лошиот старт. Денес не очекува меч за третото место со екипата на Будуќност. По завршување на дуелот со Букурешт, на прес-конференцијата пред медиумите се обратија тренерот Дејвис и Андреа Лекиќ.
-Сакам да им честитам на Расмусен и на неговите девојки, одиграа одличен меч. Ние го одигравме најлошиот меч во овие три месеци додека сум тука во женската екипа. Сѐ беше катастрофа, одбраната, нападот, сѐ беше погрешно. Кога играш меч од 60 минути многу важно е да почнете добро, а ние не го направивме тоа. Тие успеаа да почнат одлично и си победија, чисто и заслужено, рече Дејвис.
Лекиќ потенцираше дека сме одиграле лошо во двата правци на играта, со надеж дека следната година можеме да го нападнеме трофејот од ЛШ.
-Сакам да му честитам на Букурешт, одиграа фантастично. Во првите 10 минути пропуштивме премногу стопроцентни шанси за еден ваков натпревар. Потоа, како што видовте, одбраната беше многу лоша, нападот, сѐ беше лошо, како што рече Давид. Не можевме да се вратиме во натпреварот, веројатно ни падна самодовербата, а Јелена Грубишиќ беше извонредна денеска. Тоа е спортот, ќе се обидеме да се вратиме следната година и да го нападнеме пехарот, изјави Лекиќ.