Женската кадетска ракометна репрезентација продолжува со победи на Европското првенство за ракометарки до 17 години, кое се игра во нашиот главен град Скопје. Избраничките на Црвенковска стигнаа до трет триумф од исто толку одиграни натпревари во групната фаза. Фарски Острови беше новата селекција која падна пред налетите на нашите млади надежи.
Македонија со гол го отвори мечот, за противникот да врати со три голови во серија и да поведе со 1:3. Нашата репрезентација успева да се врати на натпреварот и по десет минути игра да го израмни резултатот на 5:5. До крајот на првото полувеме, Македонија беше подобрата селекција на теренот, која одржуваше предност од 1-2 гола, за по истекот на првите 30 минути да има водство од 14:12.
Вториот дел започна со два гола во серија на Фарски острови за израмнување на резултатот, сепак на голот ние ја имавме одличната Јована Мицевска која сврза неколку одбрани, кои ги искористија нејзините соиграчки, за прв пат на мечот да имаме највисоки четири голови разлика (20:16). Ова беше клучниот период за победата, а се што успеа да стори Фарски острови е да намали на три гола негатива. На крајот Македонија славеше со резултат од 24:20.
Мора да се напомене дека клучниот играч во триумфот беше голманката на Вардар, која го заврши дуелот дури со 16 успешни интервениции, од кои голем број беа во моментите кога се одлучуваше победникот. Вечерва од 19:00 часот се среќаваме со селекцијата на Полска.