Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Сандра Јовевска: “Јуниор лигата“ ми овозможи да го исполнам својот сон и да заиграм за ракометниот клуб Вардар

Сандра Јовевска: “Јуниор лигата“ ми овозможи да го исполнам својот сон и да заиграм за ракометниот клуб Вардар

Проект на ракометниот клуб Вардар “Јуниор“ лигата успешно се реализира и изведува. Најголемиот спортски бренд во Македонија, успеа да дојде до идеја за обединување на сите деца од различни возрасни генерации кај кои постои желбата да играат ракомет и во иднина да продолжат да се занимаваат со овој спорт. Повеќе од 20 ракометни школи низ целава држава, земаа учество во овој проект на РК Вардар, кој се покажа како многу успешен уште во првата година на постоењето. Ние како медиум кој паралелно ги прати случувањата во лигата и известува за истите продолжуваме со изјави и запознавање на играчите кои преку Јуниор лигата успеаа да влезат во младинските категории на РК Вардар. Една од нив е Сандра Јовевска која во новата сезона ќе биде дел од пионерките на најдобриот клуб во Македонија.

-Ракомет започнав да тренирам на 10 годишна возраст во РК Илинден а минатата сезона играв за РК Кузман Вардар. Мислам дека Јуниор лигата е одлична можност за секој од нас да ги покаже своите квалитети, да стекне нови пријателства, да ги исполни своите соништа и сл. “Вардар Јуниор“ лигата ми остави одлични впечатоци и мислам дека беше одлично организирана. Истата ми овозможи да го исполнам својот сон и да заиграм за екипата на РК Вардар.

Изминатава сезона Сандра имаше можност да се натпреварува во лигата и тоа за школата на РК Кузман, со која постигна забележителни резултати.

-Првата сезона во “Вардар Јуниор“ лигата помина одлично за мојот поранешен клуб РК Кузман Вардар. Задоволна сум од игрите и постигнатите резултати за кои најзаслужни беа нашите тренери Александра Кузмановска и Александар Савов.

На селекцијата на играчи, кои беа регрутирани на крајот од дебитанската сезона на “Јуниор“ лигата, токму Јовевска остави впечаток кај присутните тренери кои решија да и дадат шанса да биде дел од Вардар.

-По крајот на лигата се одржа селекција во која учествував. По неколку дена мојот тренер ме извести дека сум избрана на селекцијата и дека ќе настапувам за екипата на РК Вардар. Искрено не очекував дека ќе ме повикаат но кога дознав бев пресреќна. Подготовките со пионерките на РК Вардар течат одлично. Веќе се вклопив во новата средина и очекувам дека следната сезона како член на РК Вардар ќе биде многу успешна, изјави Сандра Јовевска за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски