Женските екипи на Кале од Кичево и ќе играат во големото финале на “Јуниор“ лигата, кај генерацијата родени “2004/05“ година. Денес на Кале се одиграа полуфиналните дуели во оваа генерација, по што ги знаеме имињата на екипите кои ќе се борат за златниот медал.
На првиот полуфинален дуел се сретнаа екипите на Кале-Вардар од Кичево и Опш.Кисела Вода-Вардар. Поуспешен беше тимот од Кичево, кој славеше со резултат 18:16.
Во еден неизвесен натпревар на крајот славеше РК Кале, заслужено со оглед дека во најголем дел од мечот имаа предност. После стартните 2:2, екипата на Кале прва успеа да се одлепи на два гола позитива (4:2). За момент намали тимот на Кисела Вода на 4:3, за да следи серија од два последователни голови за девојките од Кичево кои стигнаа до највисоки три гола разлика (6:3). До крајот на првото полувреме, Кисела Вода успева да воспостави резултатска рамнотежа, па дури и да го израмни резултатот на 8:8.
Првата предност тимот на Кисела Вода ја имаше на стартот на вториот дел, кога поведоа со 8:9. Имаа и водство од 9:10, но Кале успеа да направи серија од 3:0 и да има водство од 12:10. Гледавме неизвесен дуел, на кој Кисела Вода не дозволи предвреме да биде решен победникот, па на пет минути до крајот успеа да стигне до само еден гол негатива (16:15). Сепак до крајот подобро се снајде тимот на Кале, кој ја одржа предноста од два гола, за на крајот да слави триумф од 18:16.
Во второто полуфинале, се сретнаа екипите на Делчево-Вардар и РК Вардар-Виница. И тука гледавме неизвенсо полуфинале, кое на крајот му припадна на Делчево. Во текот на целото прво полувреме, екипата на Вардар-Виница беше таа која беше во постојана предност. Во неколку наврати имаа водство од два гола разлика ( 3:5, 4:6, 5:7, 6:8, 7:9 и 9:11), а по првото полувреме резултатот беше 10:11 за девојките од Виница. Гледавме голема боба на теренот, а ниту една од екипите немаа осетлива предност, која можеше да им донесе финале.
Виница имаше и одличен старт на второто полувреме, кога направи серија од 0:4 и поведе со највисоки 10:15. Во тие моменти се чинеше дека се многу блиску до финалето. Сепак не мислеа така избраничките на Горан Велков, кои се враќаат во игра и со серија од пет последователни погодоци го израмнуваат резултатот на 15:15. Голема заслуга за враќањето во игра имаше и голманката на Делчево, која одбрани неколку зицер удари на противникот. Се влезе во неизвесна завршница, во која повеќе сили имаше екипата на Делчево, во последните две минути резултатот на семафорот гласеше 17:17. Сепак последните два гола беа за Делчево, кои успеаа да слават со пресврт и да триумфираат со конечен резултат од 19:17.
Големото финале, помеѓу екипите на Кале-Кичево и Делчево е закажано за денес на Кале, со почеток од 16:50 часот.