Претстојниов викенд ќе се одигра третото коло од главната рунда, во женската Лига на Шампиони. Полека се наближуваме на половина, до крајот на главната групна фаза, кога ќе ги дознаеме и сите осум екипи кои ќе продолжат во четврфиналето и ќе се борат за учество на завршниот турнир во Будимпешта.
Вардарки во сабота на домашен терен ја пречекуваат екипата на Будуќност, која нас ни е добро позната оваа сезона од настапите во регионалната лига, каде веќе одигравме три меѓусебни дуели и сите ги добивме во наша корист. Победа за Вардар ќе значи уште еден чекор поблиску до освојување на првото место на табелата, што значи и добивање на полесен противник во следната елиминациска рунда, додека пораз на Будуќност ќе значи намалување на шансите да се вмеша во борбата за повисок пласман од четвртото место на табелата во оваа група. Вардар комплетен ќе го дочека овој меч, на кој е голем фаворит, а составот на противникот, кој е спој на млади и искусни ракометарки ќе се обиде да направи изненадување во С.Ц. Јане Сандански и да му го нанесе првиот пораз на нашиот шампион.
Уште еден дуел, кој е од важност за екипите на Турингер и Мец, во борбата за пласман во 1/4. Мец со една “нога“ веќе е таму, што не е случај со германките. Доколку сакаат да се надеваат дека во последните три кола може да се вмешаат во борбата за четвртата позиција, Турингер во недела мора да слави на домашен терен пред својата публика, во дуелот со Мец. Турингер има само два бода, или четири помалку од Будуќност и ФТЦ, кои имаат по 6 и се многу поблиску до четвртфиналето од германските екипи, кои се на дното на табелата. Турингер го има најдобриот стрелец во своите редови, тоа е репрезентативката на Чешка, Ивета Лузумова која ја предводи листата на најефикасни играчи во ЛШ, додека Мец го краси одбраната која е една од најдобрите во ЛШ.
На последниот дуел во оваа група, ФТЦ Будимпешта е голем фаворит против екипата на Битигхајм. Со триумф, унгарките можат да го потврдат пласманот во четврфиналето, додека пораз на германките ќе значи само теоретски шанси, за пласман во најдобрите осум. Битигхајм има големи проблеми со составување на играчкиот кадар, поради отуството на неколку ракометарки, меѓу кои и нивниот најдобар стрелец, додека од друга страна, ФТЦ е многу опасен на домашен терен и тешко е да се извлечат бодови на нивниот терен.
Што се однесува до групата 1, таму до самиот крај ќе биде неизвесен конечниот пласман на екипите од 1-6 место. Најблиску до четврфинале, се екипите на ЦСМ Букурешт, Ѓер и Ростов, кои ги држат првите три позиции на табелата, додека за последниот патник во 1/4 ќе решаваат, Нукобинг од Данска, Крим Меркатор и Митјиланд.
Со оглед дека Вардар е многу блиску до освојување на првата позиција во својата група, тоа значи дека во четвртфиналето ќе играме со четвртопласираниот од групата 1, во која напоменавме најверојатно на таа позиција ќе се најде еден од тимовите на Нукобинг, Крим Меркатор и Митјиланд. Тоа значи дека во оваа елиминациска рунда ќе ги одбегнеме, ЦСМ Букуреште, Ѓер и Ростов, кои со нашиот шампион се најголеми претеденти оваа сезона за освојување на ЛШ.