Голманката на Македонската репрезентација до 19 години, Нина Ладева е прогласена за најдобар играч на мечот на нашата селекција со Русија. Овој натпревар заврши со поделба на бодовите (26:26) , иако нашите младинки на неколку секунди до крајот имаа предност. Македонија го освои третото место во групата со три освоени бодови. Забележавме една победа(Литванија), еден пораз(Германија) и еден нерешен резултат(Русија). Ова е голем успех за овие млади девојки, во кои несомнено има голема иднина.
На натпреварот со Русија, за најдобар играч во нашата репрезентација беше избрана Нина Ладева која доаѓа од редовите на Вардар. Ладева со своите интервенции беше една од најзаслужната за враќањето во игра на девојките, во моментите кога имавме негатива од четири гола. Од 11 упатени удари кон нејзиниот гол, имаше дури 7 одбрани. На крајот сосема заслужено ја доби оваа награда. Покрај неа во првиот дел се истакна уште една црвено-црна девојка, Драгана Петковска која настапува за првиот тим. Нина има само 17 години и се смета за голем потенцијал на македонскиот ракомет. Покрај младинската, се очекува да биде на голот и за кадетската репрезентација до 17 години, на европското првенство во Скопје. Ладева дури успеа да постигне еден погодок, на натпреварот со Германките.
Успешно претставување и на девојките кои доаѓаат од двата тима на нашиот шампион. Во претходните два дуела, наградите за најдобри поединки ги добиваа исто така ракометарки на Вардар. Наташа Нолевска против Литванија и Ангела Тодоровска на дуелот со Германија, беа избрани за најдобри играчи. Продолжуваме да се бориме за пласман од 9-16 место, до крајот на ова првенство во Валенсија.