Големиот проект на ракометниот клуб Вардар, “Јуниор лигата“ ги исполни првобитните очекувања на сите школи кои во дебитанската сезона беа дел од оваа лига, а ги имаше повеќе од 20-сетина кои се натпреваруваа во различни возрасни генерации. Целта на еден ваков проект е да се зголеми интересот на младите за ракометот и секако најдобрите да бидат дел од младинските категории на РК Вардар. Токму таков е случајот со Ана Марија Коларовска која во новата сезона ќе игра за пионерките на РК Вардар.
-Јас започнав да тренирам ракомет во 2015 година. Тренирав во ракометниот клуб Кисела Вода-Вардар. Искрено не ни помислував дека некогаш ќе го тренирам токму овој спорт. Предлогот беше од мојата мајка, па решив да пробам. Навистина беше интересно и се трудев на секој можен начин. Преку ‘’Вардар Jуниор Лигата ‘се повеќе и повеќе се вкопував во тимската игра, имаше премногу дружење и беше одлично. Од резултатите сум задоволна , но сепак можеше и подобро. Тренинзите не ми претставуваа никаков проблем и имав голема желба да бидам дел од пионерската екипа на РК Вардар.
Ова ќе биде голем предизвик за Ана Марија, која ќе има можност да игра во најголемиот клуб во Македонија и да учи од врвни тренери. Поранешната репрезентативка на Македонија и Кометал Ѓ.П, Драгана истова Пецевска, како и Билјана Пецевска ќе бидат нејзини тренери, кои ќе ја усовршуваат во ракометната игра.
-Желбата се оствари и бев повикана на тренинзите за селектирање на нови играчи. Бев презадоволна и сфатив дека секој мој труд не бил напразно. Во новата средина се вклопив многу брзо и бев прифатена од сите. Останува да се трудам и да го задржам своето место во екипата, изјави Ана Марија Коларовска за нашиот сајт.
Звонко Ивановски